СВР Скопје до надлежното Основно јавно обвинителство со кривична пријава ги предаде лицата Н.И.(21) и С.Д.(19), и двајцата од Скопје, поради основано сомнение дека извршиле четири кривични дела, од кои три кривични дела тешка кражба и едно кражба.
Со извршувањето на ови кривични дела, како што информира МВР, пријавените се здобиле со противправна имотна корист од околу 198.000 денари. Од страна на судија на претходна постапка на Н.И. му е одредена мерка притвор во траење од осум дена, додека на С.Д. ѝ е изречена мерка задолжително јавување во суд секој понеделник.
Н.И. и С.Д. кривичните дела ги извршиле во периодот од јануари до март годинава, по едно кривично дело на подрачје на Центар и на Карпош и две кривични дела на подрачје на Чаир, и тоа во вечерните часови, при што предмет на кражби биле неколку куќи и една продавница – бутик.
– Тешките кражби во две куќи ги ивршиле со употреба на погоден предмет со кој насилно дејствувале меѓу крилото и рамката од влезната врата при што ја отворале, а кражбата во продавницата со употреба на тврд предмет го скинале катанецот од надворешната железна врата, потоа со физичка сила и погоден предмет ја отвориле ПВЦ вратата од бутикот. Кражбата во една куќа ја извршиле на тој начин што влегле преку незаклучената влезна врата – соопшти МВР.
При извршувањето на кривичните дела пребарувале во објектите при што одземале мобилни телефони, часовници, златен и сребрен накит, телевизор, лап-топ компјутер, паричник со документи, како и поголема количина на гардероба (тренерки) од продавницата.
Дел од украдените предмети Н.И. ги продал на него познати лица, а другите ги продал во населба Шуто Оризари и на дивиот пазар на Кале на непознати лица. Дел од пронајдените предмети со подврди се одземени и вратени на оштетените.
Според крим-евиденцијата на Министерството за внатрешни работи за Н.И. се поднесени 16 кривични пријави за извршени кривични дела од областа на имотните деликти и кривични дела против јавниот ред и мир, а за С.Д. се поднесени 34 кривични пријави, сите од областа на имотните деликти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.