| четврток, 6 декември 2018 |

Во Берово и Валандово почнува проектот на МЗ „Наш специјалист“

Почна имплементацијата на новиот проект „Наш специјалист“ на Министерството за здравство. Во Здравствениот дом во Берово денеска и во секоја наредна сабота од 8 до 15:30 часот, ортопед и невролог од скопските клиники ќе прегледуваат пациенти, а во Здравствениот дом во Валандово ќе прегледува невролог.

Во овие два града според анализата на податоците од системот „МојТермин“ имало голем број упатувања во двете специјалности-ортопедија и неврологија.

Во рамки на проектот, кој е резултат на последните измени на Законот за здравствена заштита, Министерството за здравство со патен налог упатува доктор специјалист од една во друга јавна здравствена установа до три дена односно најмногу до пет дена, во текот на месецот. Целта е надминување на проблемот во определени подрачја со недоволен број специјалисти или со недостиг од специјалисти во некоја област поради што граѓаните од некој град или регион за конкретната здравствена услуга се принудени да патуваат до најблиската клиничка или општа болница во подрачјето, со што се изложуваат на трошоци, а се прави и оптоварување на докторите кои работат во тие клинички и општи болници каде ја има таа специјалност.

Според министерот за здравство Никола Тодоров, целта е до јуни 2016 година за 50 проценти да се намали упатувањето кон болниците или клиниките за конкретни специјалности со што ќе се намали времето на чекање во овие здравствени установи, а ќе се зголеми квалитетот на здравствената услуга затоа што докторите нема да треба да прегледуваат по 40, 50, а во некои градови дури и до 60 пациенти во текот на еден ден во кој е големо неговото оптоварување.

Со анализата на податоците од системот „МојТермин“ е утврдено од кои градови пациентите најчесто се упатувани во болници во други градови и колкав е тој број на упати во текот на еден месец и како резултат на тоа е одлучено да се отпочне со упатување специјалисти за специјалности за кои имало најголем број упатувања во болници во други градови или на клиниките во Скопје.

Проектот „Наш специјалист“ Министерството за здравство ќе го спроведува континуирано и се планира секоја недела да има најмалку еден до два нови града во кои ќе бидат упатувани специјалисти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top