| четврток, 6 декември 2018 |

Седумдесет години Македонски народен театар: Шоуто мора да продолжи!

Сите вработени на МНТ седнати удобно во публиката, од „другата страна“, на гостите на денешната прослава „70 години МНТ“ им приредија изненадување, сместувајќи ги новинарите, гостите од другите театари и институции, студенти, на сцената на МНТ. Тие нѐ поздравија со огромен аплауз

Шоуто мора да продолжи! Овие 70 години се обврска за новите генерации актери, режисери, драматурзи, сценографи, костимографи кои ќе работат и ќе соработуваат со Македонскиот народен театар (МНТ) рече актерот Сенко Велинов, а потоа Марија Димитревска во придружба на бенд ја испеа легендарната песни на Фреди Меркури „Шоуото мора да продолжи“. Конфети на сите страни, чашите дигнати горе, во знак на наздравување, сите вработени во најстарата театарска институција во Македонија, МНТ им наздравија на присутните гости и се најпија во име на сите оние кои во изминатите 70 години оставиле трага на театарската сцена во Македонија.

Пред точно 70 години, на сцената на стариот објект на МНТ на 3 април 1945 година, Вера Вучкова ја изговори првата реплика „Колку е блиску сонцето“ во претставата „Платон Кречет“, која ја режираше Димитар Ќостаров.

70 god MNT  (8) (Custom)

Сите вработени на МНТ седнати удобно во публиката, од „другата страна“, на гостите на денешната прослава „70 години МНТ“ им приредија изненадување, сместувајќи ги новинарите, гостите од другите театари и институции, студенти, на сцената на МНТ. Тие нѐ поздравија со огромен аплауз.

70 god MNT  (9) (Custom)

– Овој аплауз е од сите нас за вас, кои 70 години нѐ фалите, нѐ критикувате. Со вас пораснавме големи и овој аплауз е од сите актери, режисери, сценографи, кои оставија белег во МНТ во изминатите 70 години. Во сите вас нѐ има нас – рече Дејан Лилиќ, директорот на националната театарска куќа.

Дарија Ризова ја изговори првата реплика на Вучкова, Сашко Коцев ја покажа рибарската трска на доајенот на македонското глумиште Петре Прличко со која тој ловел риби, а сега припаѓа на театарскиот Музеј, магнетофонот на кој Прличко ги снимал репликите за да ги запомни, Катина Иванова ја толкуваше улогата на Живка од „Госпоѓа Министерка“, улога по која најмногу беше позната дамата на македонското глумиште Мери Бошкова, актерката Љупка Џундева доби силен аплауз на отворена сцена, исто и Милица Стојанова, ансамблот се присети и на поранешните директори како Живко Чинго, не беше заборавена ниту Тодорка Кондова – актерка, режисерка, дама и вистински интелектуалец која го напиша првиот учебник по актерска игра. Се присетивме и на делата на Владе Цветановски, Тодорче Николовски, Илија Милчин, Коле Чашуле, на виолината на Илија Џувалековски, на Ристо и на прерано починатиот Васил Шишков…

70 god MNT  (7) (Custom)

Денеска беше промовирана новата поставка на Музејот на МНТ која се состои од уметнички слики, фотографии, цртежи, карикатури, скулптури, макети и други вредни експонати што претставува бесценета ретроспектива на славното минатот на овој важен сегмент од театарската уметности во нашата земја.

Оваа збирка е сегмент од големиот проект за конципирање на Музејот на МНТ кој како постмодерен музеј до крајот на 2018 година ќе содржи комплексна постојана музејска поставка со предмети, артефакти и документи кои ќе бидат коментирани и толкувани со дигитални приказни.

Muzej na MNT teatar dramski 70 god (8) (Custom)

– Професорката Јелена Лужина и Јасмина Намичева конципираа поставка според највисоките музеолошки стандарди и кои ни овозможија на едно место да се запознаеме со една богата и значајна театарска историја – изјави Елизабета Канческа – Милевска, минситерката за култура на Македонија.

Раководството на МНТ Дејан Лилиќ, директор, и Дејан Пројковски, уметнички директор, најави двомесечна прослава на големиот јубилеј.

По отворањето на театролошката изложба во фоајето на МНТ, вечерта на 3 април ќе биде изведена претставата „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски, со која се прави паралела меѓу првата реплика во стариот и во новиот објект на театарот. Веќе следниот ден (4 април) програмата продолжува со јавно читање на драмскиот текст „Утерус“ и со претставата „Каренина Made in Macedonia“ на Народен театар Битола.

70 god MNT  (1) (Custom)

Следните денови на сцената на МНТ ќе гостуваат „Лисистрата“ на Театар Комедија (05.04), „Лулка“ на Народен театар Штип (06.04), „Приказни од шестиот кат“ на „Театар Џинот“ од Велес (07.04), „Сон на летната ноќ“ на Турски театар (08.04. во 20 часот), „Предавање“ на Албански театар (08.04. во 21 часот), „Сон на летната ноќ“ на Прилепски театар (09.04. во 20 часот), „Детектор за лаги“ на Народен театар Охрид (09.04. во 21 часот) и „Живот во тесни чевли“ на Драмски театар (17.04.).

Што се однесува до јавното читање на драмскиот текст „Утерус“ на Дејан Дуковски, Македонскиот народен театар, по примерот на големите светски театри, 4 април во 18 часот на Мала сцена, започнува со серија на јавни читања на текстови на македонски автори кои до сега не се изведувани во Македонија.

Muzej na MNT teatar dramski 70 god (7) (Custom)

 

Актерот Кирил Андоновски на јубилејот на МНТ дојде со свој список на одиграни претстави во националната театарска куќа.

– Лани прославив 50 години на сцената. Сега имам само 73 години. На 103-от родеден ќе имам уште пет листа со претстави – вели Андоновски, кој педантно сиве овие години водел лична статистика на бројот на одиграни претстави, со точен датум на премиера, репреизи, режисери кои ги работеле претставите.

Андоновски имал 120 премиери со повеќе од 2.800 одиграни претстави.

– Имам претстави и во Струмица, Штип, Куманово, детскиот театар кога немаше ансамбл. Сега немам претстава во МНТ, но играм со „Театара“ во „Транвајот наречен желба“ и со нив прославив 50 години – рече Андоновски.

Тој е член на ансамблот на МНТ од 1969 година до пензионирањето.

– Претставата „Народен пратеник“ ја имам одиграно 208 пати. Немам пропуштено ниту една седница како пратеник – се пошегува Андоновски.

Тој има порака за младите актери.

– Тие мора да спортуваат, за физички да се одржуваат. Треба да симнат брадите. Овде име шминкерница и тука ќе ги направат како што треба. Лицето треба да е чисто. така мене ме учеа. И потребно е многу љубов – заврши Андоновски.

пишува: Александра М. Бундалевска

фото: Алесандар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top