| четврток, 6 декември 2018 |

Велигденска честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов

киро

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов по повод празникот Велигден што в недела (5 април) го слават граѓаните со католичка вероисповед, денеска упати велигденска честитка.

– Драги браќа и сестри! Велигден е најголемиот празник на христијанството. Според својата содржина Велигден е и најголем празник на верата. Она што е важна порака во христијанството е фактот дека христијанството се темели врз верата во тоа дека Исус Христос е жив, воскреснат и присутен. Доколку воскресението не е настан, христијанството не би имало свој темел. Апостол Павле спомнува дека тогаш христијаните би биле најбедни и изложени на сожалување. Зошто? Исус Христос како Бог кој стана човек, ја зеде врз себе нашата преодна и грешна природа. Иако грев немаше, сепак, целиот свој живот се солидаризира со малите, напуштените и грешните. Самиот рече: на здравите не им треба лекар, туку на болните. Дојдов за тие да имаат живот и тоа во изобилие.

Со својот начин на живот, а особено со своето страдание, ја зеде врз себе нашата грешност и со љубовта кон човекот ја исчисти нашата совест. Исусовото Воскресение е темелна порака дека човекот и покрај искуството за временската смрт, сепак, вечно живее. Воскресението е најава на еден нов начин на живот кој следи по завршувањето на оваа наша временска историја. Со вакви мисли јасно е дека централно празнување на Христовата победа е она над гревот и смртта. Верата не повикува дека славејќи го Велигден се обновуваме во таа вера и во својот живот се обраќаме кон тие реалности кои повеќе не се ветувања, туку настани кои се случиле, но кои и сега се случуваат, бидејќи со верата не се напоменува само минатото, туку се доживува средба со денешнината.

Христијаните, но и секој човек со добра волја, доколку на Христос му ја доверат својата грешност и минливост, ќе ја имаат моќта за преобразба во подобар и совршен живот. Верата во човекот кој живее и после смртта е сила во вистинска смисла и во овој краток преоден живот. Нека на сите ни биде благословена средбата со Воскреснатиот Господ – Христос Воскресе! – се вели во велигденската честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top