Во близината на Кратово, во Источна Македонија, се наоѓа локалитетот Куклица. Откако поминавме осум километри стрмен пат од Кратово, стигнавме на локалитетот. Пред нас се извишија групи земјени пирамиди и столбови, настанати со долготрајна ерозија на вулканските карпи.
– Поради долготрајните атмосферски влијанија карпите се модификувале во карактеристични облици. Овие процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, па некои од земјените пирамиди постепено се уништуваат, а се создаваат други, раскажува локалниот туристички водич.
Но, од логичните и природонаучни објаснувања, секогаш се поинтересни легендите. Меѓу народот постои предание за настанокот на камените кукли, кое се поврзува со свадбата и со несреќната љубов на едно момче кон две девојки од тој крај.
- Според преданието, многу одамна во село Куклица се случила голема трагедија. Едно момче, кое било голем мајстор неимар, а воедно и лажго и љубовџија, живеело во село Куклица. Во него била бескрајно вљубена една девојка, но тоа се оженило со друга, Поради тоа, разочараната девојка на денот на свадбата ги проколнала младенците. Според преданието, невестата била побогата девојка од долното маало, додека вљубената девојка, која ја фрлила клетвата, била поубава, но сиромашна девојка од горното маало. Кога дошол свадбениот ден, навидум сѐ било во ред: се собрале сватовите, стасале и другите гости, веселбата почнала. Во моментот кога младенците се бакнале, клетвата се остварила и сите свадбари се скамениле. Скаменетите свадбари и денес сведочат за гневот и за болката на несреќната девојка – раскажува водичот.
Во една друга верзија на легендата, пак, се вели дека момчето им закажало свадба и на двете девојки во ист ден, а кога посиромашната поубава девојка ги чула гајдите и тапаните од долното маало ги проколнала младоженците и сватовите да се скаменат. Селаните го викаат местото „Весела свадба“ или „Камена свадба“ зашто сватовите останале насмеани, а младенците се скамениле во нежна прегратка. Поради овие скаменети „кукли“ местото го добило своето име – Куклица.
Во долината се наоѓаат околу 140 камени кукли, кои се повисоки од 10 метри, а истражувањата покажале дека се стари околу 10 илјади години.
Во резерватот има 148 кукли, или земјени пирамиди. Народот на секоја кукла ѝ има дадено некоја улога: на пример, има кум, старосват, чичо, стрина, сватови…
Според други кажувања, денешните камења во близината на Куклица некогаш биле дрвја, кои биле изгорени за време на некоја војна што се водела во овие краишта. Откако дрвјата биле изгорени, целата област се претворила во пустина. При едно ноќно минување на војската низ пустината, поради ниските температури војниците се скамениле и се претвориле во камења.
Импресивноста на Куклица, несомнено, придонела населението од овој крај да создава низа легенди за настанувањето на ова место. Денес, жителите од околината ова место го сметаат за проколнато и сметаат дека овој камен предел им ги труе козите, кои подоцна умираат.
Научните истражувања, пак, покажале дека камените кукли се, всушност, вулкански карпи, создадени од вулканска ерозија. Необичната форма на камењата, која потсетува на човечки фигури, е резултат на минералите. И самото гратче Кратово, во чијашто близина се наоѓа селото Куклица, лежи врз изгаснат вулкан. Според кажувањата на локалните жители, на секои пет-шест години се појавува нова фигура во долината.
Можеби легендите на народот не се толку логични и не звучат вистинито, но, сепак, секогаш се поинтересни од тврдењата на научниците. Затоа легендата останала и ќе се пренесува од генерации на генерации. Ќе се зборува за разочараната девојка, нејзината клетва и за скаменетите свадбари. Местото ќе ве понесе да верувате во оваа легенда, дури и да си ги замислувате лицата на свадбарите и јасно да ги гледате зетот и невестата како стојат еден до друг во прегратка.
Со својата ретка убавина, камените кукли оставаат траен впечаток кај посетителите и заслужуваат да се посетат. За овој локалитет беше објавена и прекрасна репортажа под наслов „Македонија е вистинска ветена земја“ во еден весник во Чешка.
- Таков редок природен геолошки споменик не можете да видите кај нас. Камените фигури се повисоки од 10 метри и за нив научниците сметаат дека се создадени пред 10 илјади години. Легендата што ја раскажуваат локалните жители вели дека куклите се, всушност, „сватови“, кои се сакраменти поради клетвата на една девојка, чијшто љубен се оженил за друга. Кратово е мошне интересна туристичка локација и ги покануваме сите тие што сакаат да патуваат, бидејќи „Македонија е вистинска, ветена земја“ за нив – вели авторот на репортажата, која беше објавена во најтиражниот чешки весник „Млада фронта днес“.
(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 134. број на неделникот „Република“, 27.03.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст