Министерството за култура и Синдикатот за образование, наука и култура ја завршуваат подготовката на предлог-колективниот договор за дејностите во културата на национално ниво, кој ќе ги уреди правата и обврските на околу 3300 вработени во овој сектор, соопштуваат од Министерството. Министерката Елизабета Канческа-Милевска и претседателот на СОНК Јаким Неделков се надеваат на скорешна подготовка на документот, кој потоа ќе оди на јавна расправа која се очекува да заврши кон крајот на мај.
– Многу близу сме до заокружување на спорните работи кои ни беа пречка за договорање и потпишување на колективниот договор. Убеден сум дека СОНК и Министерството за култура за многу кратко време ќе се усогласат и предлог-колективниот договор ќе го дадеме на јавна расправа, и за релативно кратко време ќе дојде до потпишување на овој документ, изјави Неделков по средбата со Канческа-Милевска во просториите на СОНК.
Канческа-Милевска истакна дека колективниот договор ќе се базира на сериозна анализа за состојбата во културата за да биде квалитетно подготвен и за таа цел, како што рече, формирани се посебни работни групи за сите дејности на културата.
– Културата е доста специфична зашто опфаќа многу дејности кои треба да се следат со сериозно внимание – дали се работи за библиотечна дејност, музејска, сценска, заштита итн… секоја си има свои специфики. Се прават сериозни анализи со цел набргу да излеземе со предлог-колективен договор кој ќе се потпише и ќе ги опфати сите институции на национално ниво, рече Канческа-Милевска.
Според Неделков, најголем проблем во културата во изминатите години е разликата во платите за исто работно место и иста дејност што, како што рече, е недозволиво.
– На пример, библиотекар со соодветно образование на едно место зема плата 20 000 денари, а во друга таква библиотека во друга општина зема помала или поголема плата за тоа работно место. Проблемите се лоцирани, но не е едноставна методологијата како да се решат тие. Се обидуваме да најдеме најбезболно решение за сите вработени-наши членови и никој да не биде оштетен, истакна Неделков.
Во врска со проблемот што го посочи тој, министерката рече дека колективниот договор ќе биде усогласен со каталогот на работни места, кој е специфиран за сите институции по дејности, а е направен согласно со измените на Законот за култура. Во него се дефинирани три категории работни места – административен и стручен, уметнички и техничко-помошен кадар.
Договорот, исто така, треба да биде усогласен и со новите измени на законите за јавна администрација и за вработени во јавниот сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
СОНК најавува генерален штрајк во градинките доколку не се исполнат барањата на вработените – Царовска на потег!
-
СОНК бара решавање на состојбата со непродолжените договори на вработени во градинките
-
На вработени во градинки и училишта не им се продолжува договорот за работа – реагира СОНК
-
СОНК контра Царовска: Нема услови за двосменско работење на градинките