| четврток, 6 декември 2018 |

Работа по мера и на работникот и на фирмата

Новите поволности нудат можност за вработување на сите невработени, кои, според Агенцијата за вработување, до 28.02 2015 година изнесуваат 223.599 лица, во кои влегуваат 123.816 невработени лица и 99.783 други лица што бараат работа. Од сите невработени, 95.571 се жени. Најмногу невработени лица се до 35 години, дури 72.951. Старосната група до 50 години е втора по бројност на невработени, и изнесува 72.847 лица. Од 50 до 57 години се регистрирани 44,044 невработени лица, додека постари од 58 години има 33.757 невработени

Веќе не е важно дали имате 29, 35 или повеќе од 50 години за да можете да се вработите. Владата нуди сет мерки и поволности за сите старосни групи кои ќе овозможат дури и лицата постари од 58 години да најдат работа. Со одлуката да се стимулира вработувањето и на постари лица, никој веќе нема аргументи да каже дека власта не се грижи за сите граѓани подеднакво. Фокусот кој досега беше ставен на вработување на лицата до 29 години, сега се проширува на сите невработени, со што се изедначува третманот на граѓаните. Со овие владини мерки им се нуди можност за вработување на сите невработени, кои, според Агенцијата за вработување, до 28.02 2015 година, изнесуваат 223.599 лица, во кои влегуваат 123.816 невработени лица и 99.783 други лица кои бараат работа. Од сите невработени 95.571 се жени. Пофалби за новите мерки за вработување стигнуваат и од компаниите и од експертите, но најмногу од граѓаните кои досега се чувствуваа запоставено поради својата возраст.

– Новите владини мерки нудат подеднаков третман на сите невработени, со што се става крај на досегашната дискриминација на повозрасните. Досега како да беа привилегирани помладите, поточно тие до 29 години, чиишто вработувања беа проследени со низа поволности, па постарите никој не сакаше да ги вработува. Таквата ситуација создаваше услови токму во најголемата професионална зрелост, многу лица да си седат дома бидејќи беа, условно кажано, стари за работодавците. Уште полошо беше кај тие што имаат повеќе од 50 години, кои не се млади да се вработат, а не се ниту стари за да земат пензија. Тие граѓани беа ни ваму ни таму, без никаква социјална сигурност, и без плата и без пензија. Со новите поволности се покажува и докажува колективната грижа за сите граѓани, со што тие добиваат можност да почувствуваат припадност на ова општество, а не како досега исклученост од него бидејќи немаше мерки за да се запечати нивната припадност. Едноставно, повозрасните се чувствуваа како граѓани од втор ред. Сега веќе не е така – објаснуваат експертите.

Позитивен одѕив на новите мерки пристигна и од бизнисмените, работодавците и од компаниите. Тие ги оценија мерките како корисни и позитивни бидејќи, според нив, ќе придонесат за намалување на невработеноста, а ќе значат и олеснување на давачките за компаниите.

– Овие мерки ја потврдуваат стратегијата на Владата да продолжат почнатите проекти во делот на вработувањата. Со новите мерки се овозможува компаниите да бидат мотивирани, да ги зголемат капацитетите на човечки ресурси преку квалификување работници за своите потреби, а во тоа државата ќе даде голем придонес преку ослободување од персонален данок и останатите давачки за придонеси на работниците – вели Сеад Кочан, потпретседател на ССК.

И Конфедерацијата на работодавци ги поздравува новите мерки за вработувања.

– Во овој момент секој намален трошок за водење бизнис, а во насока на вработување и вклучување што повеќе лица во работниот процес, е квалитетна одлука и мерка и треба да се продолжи да се реализира, со што ќе биде начин за потикнување на водењето бизнис во Македонија – смета Миле Бошков.

ekonomija134-1

Во согласност со новите мерки за поттикнување на вработувањето, поволностите што важеа за лицата до 29 години се прошируваат и на лицата до 35 години, па така компанијата што ќе ги вработи, ќе биде ослободена од плаќање персонален данок и придонеси во рок од три години. Регистарот на невработени говори дека во таа старосна структура влегуваат најмногу лица, дури 72.951. Работодавците, пак, што ќе вработат лица на возраст од 35 до 50 години, а кои биле 10 години без работа, ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси пет години, со обврска да го задржат работникот уште една година. Според податоците на Агенцијата за вработување, таа старосна група на невработени е втора по бројност, и тоа со 72.847 лица. Од 50 до 57 години се регистрирани 44.044 невработени лица, додека постари од 58 години има 33.757 невработени. Компаниите што ќе вработат лица постари од 50 години ќе бидат ослободени од персонален данок и од социјални придонеси пет години без обврска потоа да ги задржат вработените. Таа мерка ќе се однесува и за тие што ќе вработат лица постари од 58 години. Тие фирми ќе бидат ослободени од персонален данок и од придонеси до пензионирањето на тој работник. Работодавците, пак, што ќе вработат лица од ранливите категории, како што се самохрани родители, лица од еднородителските семејства, родители со три или повеќе деца, ќе бидат ослободени од плаќање персонален данок и придонеси во рок од пет години без обврска да ги задржат вработените.

Според владиниот портпарол Александар Ѓоргиев, од крајот на април ќе се реализираат вработувањата по основа на сетот нови мерки кои имаат цел вработување на една широка категорија граѓани и намалување на невработеноста.

– Се очекува до крајот на април и почетокот на мај да почнат првите вработувања по основа на овие мерки – изјави владиниот портпарол.

Според премиерот Никола Груевски, ова е проект што не беше најавен во изборната програма, но се реализира како што и многупати досега се реализирани вакви проекти.

– Ако за 11 месеци со мер­ката за лица до 29 години се вработиле 7.400, можете да замислите кол­ку мно­гу работни места ќе се овоз­можат со оваа гру­па мерки, која Владата ќе поч­не да ја споредува од мај-јуни го­динава. Е така се сака сопствената држава, така се бори за Македонија, тоа е ВМРО-ДПМНЕ, тоа се нашите дела, тоа е нашето вистинско лице – порача Груевски.

Според вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, се работи за еден навистина амбициозен пакет од пет мерки на фискални стимулации, со кои на некој начин Владата ѝ објавува војна на невработенoста на еден многу поинтензивен начин од досега

– Иако и досега бевме максимално фокусирани, имавме солидни и добри резултати дури и во текот на кризата кога во другите земји се зголемуваше невработеноста, ние успеавме да создадеме услови да се креираат околу 130 илјади работни места и да се намали невработеноста. Но, таа сѐ уште е на високо ниво и затоа беше потребен еден поамбициозен пакет мерки, а кои целни групи се различни невработени лица во зависност од возраста и одиме со доста атрактивни фискални стимулации – смета Ставрески.

Тој истакна дека се работи за една широка лепеза во која секоја фирма ќе најде одредена причина и одреден интерес да вработи одредено лице во зависност од потребите на фирмата и од состојбите на пазарот на работна сила, односно во кој град во земјава со какви квалификации се невработените.

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 134. број на неделникот „Република“, 27.03.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top