| четврток, 6 декември 2018 |

Училиштата немаат кадар за работа со деца со аутизам

Истражувањето покажало дека само 10 отсто од родителите во 109-те училишта имаат ангажирано дефектолог на свој трошок

autizam

Во 109 основни училишта во Македонија се регистрирани 93 деца со аутизам што следат настава. Од нив 68 се машки, а 25 женски деца, покажало истражувањето што го спроведе народниот правобраниетел во училиштата во Скопје, Струмица, Битола, Куманово,Тетово, Штип и во Кичево. Само 39 отсто имаат стручен тим составен од одделенски наставник, психолог, педагог и дефектолог. Од друга страна, 28 отсто од училиштата немаат никаков кадар за работа со децата со аутизам, ниту, пак, родителите имаат ангажирано на сопствен трошок дефектолог, кој би работел со дечињата.

Истражувањето покажало дека само 10 отсто од родителите во 109 училишта имаат ангажирано дефектолог на свој трошок.

– Практиката од работењето на народниот правобранител покажува дека не само во посебните училишта, туку и во редовните основни училишта може да се најдат деца со посебни потреби, во кои се вбројуваат и дечињата со аутизам – изјави заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа денеска на тркалезната маса „Состојбата на децата со аутизам и нивниот третман во здравствениот, образовниот и социјалниот систем во Република Макединија“.

Бајрамовска-Мустафа посочи дека со Законот за основно образование на децата со посебни потреби, вклучително и на децата со аутизам им е овозможено правото на образование во редовните паралелки.

– Тука не смееме во ниту еден случај да ја заборавиме позитивната светска пракса која покажува дека само со инклузија, а не со изолирање на децата со аутизам можеме да придонесеме за подобрување на состојбата на овие деца и да им дадеме можност како и на сите други деца да ги почуствуваат сите придобивки од детството и сите права кои ги гарантира Конвенцијата за правата на детето, како и домашната и странската регулатива, рече Бајрамовска-Мустафа.

Дефектологот Јасмина Трошанска од Македонското научно здружение за аутизам истакна дека во нашето општество се регистрираат сè повеќе деца со аутизам. 

– За овие деца е потребно многу да се вложи за да се извади максимумот кој може да го достигнат бидејќи тие најчесто имаат проблеми во однесувањето. И каква интелектуалн спосoбност да имаат и колку и да се генијални ако имаат проблем во однесувањето не може да се вклучат во групна настава бидејќи многу често ја нарушуваат наставата за што има реакции од родителите и од наставниците – истакна Трошанска.

Според неа, за овие деца потребна е индивидуална настава „еден на еден“, многу рана дијагностика и третман се со цел кога ќе дојдат во училиште да бидат подготвени и да имаат стекнато способност да се грижат сами за себе.

Неопходно е, како што вели, обезбедување специфични методи на работа и услови, како и надградба на кадарот кој работи во посебните и во редовните училишта. Посочи дека најважно е децата со аутизам по добивањето на дијагнозата задолжително да добијат документ во кој ќе бидат опишани сите негови способности и потреби, со цел родителот кога ќе го запишува во било каква установа тоа да биде писмено дадено до надлежните на институцијата за да знаат што треба да преземат со тоа дете.

На тркалезната маса присуствуваа претставници од министерствата за образование и за здравство, Заводот за ментално здравје, невладини организации, како психолози и дефектолози. 

Во Македонија денеска со низа настани се одбележува 2 април – Светскиот ден за борба против аутизмот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top