| четврток, 6 декември 2018 |

Јаболко на раздорот меѓу Русија и Србија

jabolka1

Извозот на српските јаболка на рускиот пазар не е загрозен ниту ќе биде забранет, така барем тврдат во Министерството за трговија и земјоделство на Владата на Србија, по баражниот медиумски оган за наводното сомневање на инспекциските власти на Русија дека српските трговци лажат продавајќи им препакувани полски јаболка како домашна стока.

Самодовербата на ресорните министри на Владата во Белград произлезе од овонеделниот изнуден разговор со амбасадорот на Русија Александар Чепурина, за сомнежите во Москва дека Србија реекспортира јаболки од Полска во Русија.

Додека експертите тврдат дека меѓудржавниот Договор за слободна трговија, кој Србија ја прави привилегирана во извозно-увозните дејности со Русија, со овој инцидент, кој и да е поводот и причината, не е загрозен, ресорните министри во ударните термини на националната телевизија објаснуваат дека сѐ е под контрола.

Така и министерката за земјоделство Снежана Богосављевиќ Бошковиќ тврди дека извозот на овошје и зеленчук на пазарот во Русија не е доведен во прашање, а наводниот реекспорт на полски јаболки во Русија го нарекува забуна од техничка природа која во меѓувреме е отстранета.

Во ист контекст министерот за трговија Расим Љајиќ, воедно и вицепремиер, порача дека државата планира построга контрола на извозот и извозните сертификати, исто така потенцирајќи дека извозот на српските производи во Русија не е загрозен.

Љајиќ објасни дека дошло до проблеми во комуникацијата меѓу руското Министерство за земјоделство и Српската амбасада, бидејќи документите кои на време се доставени не стигнале на време до руските партнери, туку по неколку дена.

– Се работи за јасен преглед на производи кои ги произведуваме, во кои колични, колку извезуваме во Руската Федерација, а колку во другите земји на Европската унија – објасни Љајиќ.

Истовремено, Договорот за слободна трговија со Русија, барем во ресорните министерства и Стопанската комора на Србија, во случајот јаболките воопшто не се проблем, бидејќи многу покомплексно е политичкото и економското прашање.

Нема чад без оган

Сепак, судејќи според неколку други извори, вклучувајќи и некои домашни и руски медиуми, се откри дека случајот со спорниот извоз на јаболки баш и не бил чад без оган, како што тоа полицијата и судот милуваат да го кажат, бидејќи има основани сомненија дека обид за фалсификат сепак имало.

Тоа, не баш директно, со изјава го потврди и Расим Љајиќ, објаснувајќи дека постои сомневање дека еден наш извозник се обидел да ги фалсификува нашите сертификати.

Според неофицијални сознанија, државната управа на царината има дури неколку конкретни фирми и поединци чии отисоци останале на обидите да се изиграат меѓудржавните увозно-извозни принципи и процедури.

Така белградски Блиц пренесе дека Обвинителството, МУП и Царината ги испитуваат фирмите кои, со фалсификувана документација, се обиделе во Русија да извезат јаболки од Европа декларирани како српски. Како една од фирмите весникот ја наведе белградската Агроја 777, како очигледно наменски основна кон крајот на јануари, а од основањето на рускиот пазар пласирала на стотици тони јаболки.

– Постои сомневање дека зад оваа компанија, всушност стојат руски државјани – наведе извор близок до Обвинителството, потенцирајќи дека фирмата службено се води на државјанин на Србија. Според податоците на руските царински власти на кои се повикува белградскиот весник, за увозот на јаболки од Русија преку фирмата Агроја 777, надлежен е наводно извесен Владимир Евгеневич Гордејчук. Во Управата на Царината тврдат дека нивните истраги не се од вчера, туку дека траат со месеци, а во последно време се вклучени и други инстанци, како Безбедно-информативни агенции, МУП на Србија, Даночната управа, фитосанитарната инспекција…

– Немаме причина да криеме било што, тука се крена невидена медиумска прашина. А, сега кога е соопштено дека нема никакви проблеми, нема ни пасус во весниците – тврди министерот Љајиќ, потенцирајќи дека со руското ресорно министерство се договорени превентивни мерки за спречување на злоупотреба, а една од нив е и т.н. најава на сертификати.

– Секоја испорака од тука однапред е проследена со сертификат, така да руските царински органи ќе можат да проверат дали тој сертификат навистина е издаден во Србија, како што беше во претходните случаи, каде трговци од трети земји ги фалсификуваат нашите сертификати за да можат стоката на пример од Полска да ја пласираат на рускиот пазар – објасни Љајиќ.

Тој и колешката од ресорот за земјоделство Снежана Богосављевиќ Бошковиќ мораа рускиот амбасадор во Белград Александар Чепурин и тет а тет да го запознаат со мерките кои ги презема српската страна за да се избегнат непријатностите во контекст на санкции кои Русите ги воведоа за ЕУ, како и да се зачува взаемната увозно-извозна доверба меѓу срспката и руската страна.

Бонус одговор е ресорните органи и институции на Србија директно преку руското министерство и Амбасадата на Руската Федерација, да испраќаат соодветни документи заедно со извозниот аранжман. Консултантот на Организацијата за храна и земјоделство во ОН (ФАО) Горан Живков тврди дека цел случај добил многу поголемо медиумско внимание од што за тоа има реална основа.

Пазарна логика

– Тешко е да се докаже реекспорт без темелни и детални истраги, но јас лично верувам дека немало реекспорт во сериозна мерка, освен можеби некои обиди, а тоа во целина не е значајно со оглед на фактот дека Србија навистина реално го зголеми својот извоз на јаболки во Русија, бидејќи тоа и го овозможуваат произведените количини. Според некои податоци кои ги имам од јануари оваа година, околу 40 отсто од вкупниот руски извоз на јаболки е извозот од Србија, што не е проблем со оглед на вкупната количина која ја произведуваме – вели Живков.

Живков смета дека на домашните ресорни министерства не треба да им биде проблем врз основ на факти за зголеменото производство на јаболки да докажат дека сепак немало поголем реекспорт на рускиот пазар.

Во случај на полски јаболки, тој тврди дека Србија, во контекст на взаемните санкции на ЕУ и Русија, се однесува пазарно, а тоа мислење го дели и Ѓорѓе Бугарин од Стопанската комора на Војводина.

– Мислам дека главно јадеме увозни јаболки, а нашите одат за извоз. Тоа така да кажам, може да се почувствува и по вкусот – тврди Бугарин.

– Пазарната логика е јасна, ние увезуваме јаболки од Полска за домашниот пазар по 30 евроценти, а на Русите ги продаваме своите по 45 до 50 евроценти. Тоа е чиста пазарна логика бидејќи Русите воведоа санкции за извоз од Европската унија, со што на нас ни се отвори можност да го зголемиме извозот – вели Горан Живков.

Впечатокот на овој експерт е дека не е загрозен руско-српскиот договот за слободна трговија, а на случајот реекспорт се придава големо медиумско внимание.

– Претпоставувам дека повод може да биде некој голем играч на рускиот пазар да не исфрли – вели Живков и потсети дека во Русија не се баш јасни и транспарентни царинските процедури како во ЕУ, па не е можно да се добијат ни прецизни податоци кои би покажале врз основ на кои показатели некој се сомнева дека извозот на српски јаболки наводно е реекспорт од други земји, во конкретниот случај од Полска.

Во секој случај, ако двете страни сакаат сериозна истрага, доволно е на ум да ја имаат мудроста: кога не знаеш каде е проблемот, проучи го текот на парите. А парите секогаш оставаат трага, и во политиката и во трговијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top