| четврток, 6 декември 2018 |

ФИФА го нападна Горан Пандев

Меѓународната фудбалска федерација денеска со остра реакција за тврдењето на Горан Пандев дека гласал за Мурињо при изборот на најдобар тренер на светот минатата година, но дека објавените гласови се разликувале од неговите

Според ФИФА, не се точни тврдењата на Пандев, кој учествувал во гласањето заедно со национални селектори, капитени на репрезентации и избрани новинари. Портпарол на ФИФА изјави дека може да потврди оти гласовите објавени на нивниот веб-сајт се точни.

– Поседуваме потпишани документи од Фудбалската федерација на Македонија  со потпис од селекторот, капитенот со печат од националната асоцијација како и потпис од генералниот секретар. Гласовите што ние ги објавивме се поклопуваат со документите што ги добивме од ФФМ – изјавил портпаролот на ФИФА за британските медиуми.

Жозе Мурињо предизвика силни реакции во Шпанија со тврдењето дека неколку луѓе му рекле дека гласале за него во изборот за најдобар тренер, но кога ФИФА ги објавила резултатите, тие биле променети по што селекторот на Шпанија Дел Боске беше избран за најдобар тренер откако неговиот тим стана европски првак.

Горан Пандев тврди дека својот глас го дал за Мурињо, но на листата на ФИФА излегло дека тој гласал за Дел Боске, Јирген Клоп од Борусија Дортмунд и Робето Манчини од Манчестер сити.

– Гласав за Мурињо, секогаш за Мурињо. Не знам што се случи. Има работи што по малку се чудни. Му реков на Мурињо дека гласав за него и дека потоа се случило нешто чудно. Тој не рече ништо, беше малку разочаран, но сите ние знаеме дека постојат чудни работи и ние не можеме да ги промениме – изјавил Пандев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top