Рускиот дисидент Владимир Ашурков доби политички азил во Велика Британија.
Во своето барање до британските имиграциони власти, Ашурков тврди дека во Русија е обвинет за кривично дело што не го сторил и дека е прогонуван „од политички причини“.
Тој се наоѓа во Лондон од мај минатата година заедно со неговата партнерка, која засега нема британски азил.
Ашурков е поранешен банкар кој работел како извршен директор во Фондацијата на Алексеј Навални за борба против корупцијата во Русија.
Во јули минатата година Комитетот за истраги на Русија, руска варијанта на американското ФБИ, издаде налог за апсење на Ашурков, обвинувајќи го дека „украл пари“ од Фондацијата.
Навални, кој важи за најгласниот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, го обвинува Кремљ дека ја „поттикнува“ нашироко распространетата корупција во земјата.
Тој беше еден од кандидатите за градоначалник на Москва на изборите во 2013 година и успеа да биде третопласиран, а Ашурков кој е негов сојузник и сорабоник, раководеше со кампањата.
Навални, кој сега е во домашен притвор, за Би-Би-Си изјави дека Ашурков „нема сторено ништо лошо“ за да биде кривично прогонуван.
Пред Ашурков, политички азил во Велика Британија добија и некогаш најбогатиот Русин, Борис Березовски, кој во 2000 година побегна во Лондон, како и поранешниот оперативец на руската разузнавачка агенција ФСБ, Александар Литвиненко.
Олигархот Березовски беше најден мртов во својата куќа под се уште не до крај разјаснети околности, а Литвиненко беше отруен со радиоактиниот изотоп на полониум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.