| четврток, 6 декември 2018 |

Да се почитува и развива договорното производство, бара ФФРМ

ффм

Околу 3.000 земјоделци беа опфатени со активностите што изминатата година ги организираше Федерацијата на фармери на Република Македонија, беше истакнато на Годишното собрание на организацијата.

Земјоделците, како што беше посочено, биле дел од средбите одржани со владините и невладините институции, учествувале на работилници каде се зборувало за значењето на младите и жените во земјоделството, а присуствувале и на саемски манифестации во Турција, Србија и Грција.

На седницата направени се измени во стратешките документи на организацијата со кои се очекува зголемување на бројот на членови, односно намалена е чланарината за здруженијата и кооперативите и таа изнесува 3.000 денари. Поедноставени се и процедурите за членство така што секој земјоделец ќе може да биде член на организација со пополнување пристапница и плаќање членарина.

Претседателот на Федерацијата на фармерите, Никола Стаменов во своето обраќање истакна дека организацијата спроведува активности чија цел е јакнење на земјоделското здружување, развој на земјоделското претприемаштво и поставување на профитабилно земјоделство.

– Најболните точки и понатаму кај нас земјоделците се пласманот и договорното производство. Токму на оваа проблематика како организација доста работиме и покрај тоа што некои резултати се видливи, а некои се незабележливи. Но сепак и понатаму наш став и борба е да се почитуваат договорите и да се овозможи развој на договорното производство. Соработката на сите инволвирани страни во земјоделството се неопходни и за едукација и за навремена информација. Токму соработката со владините институции и компаниите се важни во насока на развој на аграрот и пред се креирање на закони кои ќе овозможат квалитетен производ и организиран пласман на странски пазари – рече Стаменов.

Тој најави дека во следниот период ќе посветат посебно внимание на секторскиот систем на работа и формирањето на економски здружени форми со цел развој на организиран настап и создавање на конкурентен производ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top