| четврток, 6 декември 2018 |

Експлозија на извор на нафта во Албанија

downloadАлбанските власти денеска издадоа наредба за евакуација на жителите на едно село во чија близина се случи експлозија во еден извор на нафта, јавија албанските медиуми, додавајќи дека нема информации за жртви при инцидентот.

Со изворот стопанисува канадската компанија „Бенкерс Петролеум“ која соопшти дека експлозијата во реонот на Маринза, на 130 километри јужно од Тирана, се случила за време на сондажни активности, при кои дошло до неконтролиран наплив на природен гас.

По експлозијата избувнал пожар кој создал густ црн чад, кој според претставниците на „Бенкерс Петролеум“, не е штетен по здравјето на луѓето. Сепак, властите решија да донесат одлука за времена евакуација на жителите од блиското село.

Портпаролот на албанското Министерство за енергетика Дардан Малај изјави дека и покрај издадената наредба за евакуација, некои од локалните жители одбиле да ги напуштат своите домови.

„Бенкерс Петролеум“ стопанисува со нафтени наоѓалишта во Албанија од 2004 година, од кои годишно произведува по околу 1,2 милиони тони нафта.

Лани Албанија вкупно произведе 1,4 милиони тони нафта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top