| четврток, 6 декември 2018 |

Почина турскиот обвинител ранет во заложничка криза во Истанбул

turcija-obvinite

Турскиот обвинител Мехмет Селим Кираз, почина во болница од тешките повреди, што ги имаше здобиено во текот на вчерашните пукотници во судската палата во Истанбул, соопштија турските власти.

Кираз беше нападнат во својата канцеларија на шестиот кат од судската зграда и земен како заложник, од двајца припадници на ултра левичарска Револуционерна партија – Фронт за народно ослободување. Тие испратија фотографија преку интеренет, на која беше прикажен обвинителот Кираз, со вперен пиштол во главата и се заканија дека ќе го убијат, доколку властите не ги исполнат нивните барања.

Заложничката драма заврши со интервенција на турските специјални сили, во која беа убиени двајцата напаѓачи киднапери, а тешко беше ранет обвинителот.

Претставник на полицијата во Истанбул изјави дека преговорите со напаѓачите траеле шест часа, а дека специјалците интервенирале дури кога се слушнале истрели од канцеларијата на обвинителот.

Обвинителот Мехмет Селим Кираз беше задолжен за случајот со убиството на турскиот тинејџер Беркин Елван, кој настрада за време на масовните антивладини протести во Истанбул и во низа други турски градови во 2013 година. Елван имаше 14 години кога беше погоден со канистер со гас-солзавец во главата, од полициските сили кои се пресметуваа со демонстрантите.

Момчето почина во болница, минатата година, откако девет месеци помина во кома.

Адвокатот Шукри Ерден кој преговараше со грабнувачите на обвинителот, изјави синоќа дека тие барале од турската полиција да ги открие имињата на четворицата припадници на слецијалните сили, кои пукале врз демонстрантите и го погодија младиот Елван, кој од страна ги следел протестите.

Турскиот премиер Ахмет Давутоглу изјави дека напаѓачите влегле во судската палата, прикажувајќи се како адвокати, но засега не е познато како успеале да го провлечат оружјето покрај силните безбедносни мерки во судската зграда.

Оваа ултралевичарска организација е означена како терористичка од турските власти, но и во САД и во земјите на ЕУ.

Во 2013 година нејзини припадници извршија бомбашки напад врз американската амбасада во Анкара, во кој беше убиен еден од турските чувари на зградата. Во јануари годинава еден припадник на Револуционерната партија Фронт за народно ослободување, беше уапсен по неуспешниот бомбашки напад врз премиерската канцеларија во Истанбул.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top