| четврток, 6 декември 2018 |

Измените на Законот за патни исправи ја поминаа првата фаза

Собранието на Република Македонија попладнево донесе заклучок за прифатливост на предлогот за изменување и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија и негово проследување во натамошна, втора фаза.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека со измените се настојува да се исправат недостатоци во постоечкиот закон, терминиолошко и правно усогласување и надминување на проблеми кои се појавуваат во практиката.

Една од клучните измени е можноста граѓаните да поднесуваат барање за патна исправа и да го земат документот не само во местото на живеалиште, туку и во место каде престојуваат, а тоа да може да се прави и надвор од службените простории на МВР, а за иселениците надвор од дипломатско-конзуларните претставништва. Истакна дека ќе нема разлика во процедурата и дека не значи дека некое лице ќе поседува повеќе од еден патен документ или различни податоци.

– Целта на законот е подобрување на услугите за граѓаните на РМ, наспроти бројни шпекулации поради неразбирање на материјата или од политички мотиви, кои ги демантирам како неточни, рече Јанкулоска.

Со измените се предлага и укинување на заедничкиот пасош како вид на патна исправа чија примена и намена е надмината. Исто така, бродарската книшка ќе се именува бродска книшка заради терминолошко усогласување со Законот за внатрешна пловидба.

За грижливо чување на патните исправи, се воведуваат санкции за секое натамошно губење или оштетување. Сопственикот е одговорен ако се докаже дека уништувањето е со умисла.

Измените се однесуваат и на патен лист кој ќе се издава за државјанин на РМ кој во странство останал без пасош од различни причини, како и за новороденче на иселеници за да може да дојде во РМ и да биде запишано во матична книга на родените и со тоа да добие македонско државјанство.

Пратениците од ДУИ гласаа воздражано. Талат Џафери  рече дека тоа е поради дилеми во некои членови од законот и дека за втората фаза од донесувањето на законот бара усогласување на ставовите. Во суштина, рече тој, ги поддржуваат измените но не се согласува со некои одредби, како оние што се во врска со санкционирање за загубен или оштетен пасош и за патни исправи на деца родени во странство.

Роза Топузовска-Каревска забележа дека не е јасно прецизирано како ќе се издаваат документите надвор од ДКП-та, односно дека не е точно наведено на кои места ќе се издаваат, и праша дали тоа значи дека мобилни екипи ќе доаѓаат во домот на барателот на патна исправа. Недоволно дефинирани, според неа, се и одредбите за патна исправа за децата на иселениците и за тие што се однесуваат на казните за оштетување или губење пасоши и начинот на докажувањето дали тоа било со или без намера.

Прифатлив за пратениците во попладневниот дел од денешната собраниска седница беше и Предлог-закон за јавнообвинителска служба, за кој изгласаа натамошно читање. Министерот за правда Аднан Јашари рече дека се работи за посебен акт со кој се уредуваат прашањата за статусот на административните службеници во јавните обвинителства, нивното организирање, категоризирање и првпат се дефинирани нивните права и обврски, како и начините на основање на работни односи.

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Светлана Јакимовска рече дека донесувањето на законот произлегува од потребата за дефинирање на статусот на лицата кои се вработени во јавни обвинителства. Се регулираат сите права, обврски, должности на лицата кои работат во овие институции.

– Се регулира класификација на сите работни места во јавните обвинителства. Има четири категории: А,Б,В и Г, и секоја има неколку нивоа. Важна одредба е и што ќе се формира совет на јавнообвинителска служба, со цел заштита на јавнообвинителните службеници. Се регулира начинот на пополнување на работните места – има три начини: вработување преку јавен оглас, унапредување и мобилност, т.е. преземање од други правни субјекти, рече Јакимовска.

Собранието ппладнево усвои заклучок и дека е прифатлив и може да се предаде во натамошно читање Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет.

Министерот Јашари во претпладневниот дел од расправата образложи дека со законот треба да се зголемат капацитетот на судскиот совет и на судството и нивната  професионалност.

Со законот се предвидува мандатот на претседателот на Советот да трае три години, со право на повторен избор.   Се врши редефинирање на условите за избор на член на Судскиот совет од редот на судиите, потоа за избор на член на Советот по предлог на Собранието на Република Македонија, како и за избор на член на Советот по предлог на Претседателот на Република Македонија. Се предлага и уредување на одредбите во однос на спроведувањето на психолошкиот тест и тестот за интегритет, а Судскиот именик од Министерството за правда да премине во надлежност на Судскиот совет на Република Македонија. Се предлага и редовно и вонредно оценување на судиите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top