Партиите треба да се соочат со реалноста, дали сакаат излез од ситуацијата и дали сакаат на некој начин од се што ни се случува да ги променат своите структури, зашто по ова што ни се случува се неопходни промени во сите политички партии. Партиите треба да си ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и последиците од сите нивни активности и неактивности. Доколку се има желба, јас сум тука и сум излегувал во пресрет. Зашто освен со дијалог, на кој начин политички би се решавале состојбите, вели претседателот Ѓорге Иванов за Медиа.мк говорејќи за излез од актуелната ситуација
Претседателе, политичката криза во земјава достигна кулминација. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, веќе два месеци објавува прислушувани разговори. Ве прозиваат зошто досега не сте се обратиле во јавноста со ваш став за оваа политичка криза. Каков е Вашиот став за моменталната ситуација?
На почетокот јас излегов со едно пишано соопштение и ги кажав моите очекувања и ставови од сите вклучени во сево ова. Тоа што не бев присутен во јавноста не значи дека не остварував одредени активности и преземав одредени начини за справување со сево ова. Во изминатиот период имав интензивна агенда и средби со многу надлежни институции од сферата на безбедноста, средби со многу амбасадори, а присуството на клучни меѓународни настани што се случуваа како Минхенската конференција за безбедност, присуството во Обединетите нации во Женева, Европската академија што ја имав во Салцбург и Кран-Монтана форумот беа можност за споделување на сознанија, информации со нашите пријателски земји, пријателите на Македонија за сите актуелни состојби. Во овој период не чувствував потреба сето тоа да се соопштува на јавноста, затоа што има многу работи што се случуваат зад затворени врати.
Овој разговор коинцидира со разговорите или преговорите во Брисел што почнаа со посредство на тројца европратеници и со делегации на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ. Еврокомисијата некако е на страна од овие разговори. Како ги оценувате овие разговори, дијалогот власт – опозиција со парламентарците во Брисел?
За поздравување е секој дијалог, затоа што на тој начин започнува процесот што треба да доведе до некоја завршница. Така што, активноста на Европскиот парламент, односно на тројцата негови претставници, на некој начин навестува дека ќе се разговара за тоа што го бара Европскиот парламент. Сите активности се одвиваат во нашиот Парламент, во Собранието, а услов за тоа е опозицијата да се врати во Собранието и таму да ги користи сите механизми, инструменти, за сето она што го тврди преку своите прес конференции или јавни настапи, сето тоа да добие институционална завршница.
Но, во 2012 година по повод настаните од 24 декември, тогаш со интервенција на Еврокомисијата, на комесарот за проширување Штефан Филе повторно ги вратија овие чинители во Собранието да разговараат. Тогаш, а и сега, опозицијата тврди дека повеќе нема доверба во пишани листови, хартија… Како ќе се вратат сега?
Тоа е една состојба која јас ја иницирав тогаш заедно со помош на комесарот Филе. И тогаш Европската комисија беше ангажирана и се изготви, како што се вели, листа по која се постапуваше. Европската комисија сигурно ќе биде вклучена доколку опозицијата се врати во Парламентот, затоа што ЕК има политичка агенда, односно станува збор за нашата европска агенда, каде што лидерите на партиите веќе ќе имаат точно утврден редослед како да се справуваат со сево ова што ни се случува. Значи, тоа е сосема поинаков процес. Станува збор за средби на лидерите на политичките партии и тоа е полички процес. Сега зборуваме за почеток за да имаме некаков старт за да имаме одредена разрешница на актуелната ситуација.
Четири и повеќе години се прислушувало. Имаме ли безбедносен проблем? Ве повикуваат зошто не го свикувате и Советот за безбедност…
Сите тие што повикуваат, а ги гледам и бивши политичари, аналитичари, треба да знаат дека од 2005 година имаме ние и Закон за справување со кризи, во кој е утврдена постапката како се постапува во вакви моменти. Јас не можам да расправам на основа на медиумски извештај или изјави на експерти. Си има одредена процедура како заседава Советот за безбедност и заклучоците што ги носи ги обврзуваат и Владата и Собранието. Во меѓувреме, јас имав состаноци со надлежните институции од сферата на безбедноста, кои на некој начин се во моја надлежност – со Агенцијата за разузнавање и со военото разузнавање и ги барав сите можни закани или ризици кои постојат од надвор. За сите тие укажани состојби ние ги известивме пријателските служби и земји, околу 15 членки на Европската унија и НАТО се известени за сите можни потенцијални ризици и закани за Македонија. Од тој аспект, процесот во сферата на безбедноста се одвива. Прашањата за внатрешната безбедност се резултат на сето она што треба да биде утврдено како е дојдено до ова. За сето тоа мора да си има институционален ред. И тука отсуството на опозицијата од Парламентот и од работата на комисиите кои се задолжени за контрола на службите, на некој начин ни одмага. Веројатно после сево ова ќе се ангажираат од сите субјекти и на основа на групата за проценка и од изготвените анализи Советот за безбедност ќе расправа и ќе носи заклучоци.
Пред да поминеме на причините и последиците од прислушувањето, некако самиот чин на објавување на овие материјали коинцидира со новата влада во Грција. Често се спомнуваат странските служби од повеќе земји, меѓу кои и оваа земја е назначена. Самата коинциденција на објавувањето на овие материјали со новата грчка влада која не е обременета ниту со креирање на спорот за името, ниту пак, со неговото решавање, дава сомнеж во потребата или во намерите на овие прислушувани материјали, меѓу кои има и за спорот за името и за неговото решавање како што рече лидерот Зоран Заев во нивната добронамерност…
Има многу совпаѓања, но врз основа на тоа не можеме да извлекуваме заклучоци. Ќе се јават и многу конспиративни теории и многу мислења од разни самоповикани аналитичари. Ние едноставно треба да го следиме оној тек кој го имаме предвидено со Уставот, со законите и позитивните искуства во ваквите случаи. Прашањето што го отворате со името со соседна Грција на некој начин е влезено во поинаква фаза. Имаме нова реалност. Првпат на политичка сцена на Грција имаме политичари кои не се обременети од наследството од студената војна и особено од Граѓанската војна во Грција. Се менува парадигмата. И тие, и ние стануваме свесни која штета ја трпиме од овој спор. Стануваат свесни одредени субјекти со кои имаме контакти дека и ние и Грција сме влезени во туѓа игра, дека штетите ги трпиме ние. Со тек на време некој ја создал претставата дека е наша игра. Напротив. И Грција и ние сме вовлечени во една туѓа игра, во која интересите ги имаат другите, а ние ја имаме само штетата. Така што оваа млада гарнитура, без разлика колку ќе опстои, ги отвора и другите прашања на проблемот со името со кои ќе се соочуваме ние, и граѓаните и бизнисмените и сите оние кои досега трпат само штета, а немаат никаква корист. И тоа е штета и за нас, но и за самата Грција, по угледот што и е нарушен поради сите овие случувања во однос на името. Така што, верувам дека ќе има поинаков тек и нема да му робуваме на сето она што досега беше поврзано со проблемот за името.
Четири-пет години се прислушувало, премногу долг период за македонските институции да не го откријат овој чин. Сметате ли дека треба да се понесе одговорност за самиот чин на прислушување, оставки, пресуди?
Апсолутно. Сето тоа кога ќе се констатира, мора да имаме процес кој ќе биде во Парламентот, кој се однесува на работата на безбедносните служби, да имаме заклучоци кои треба да пристигнат од надлежните органи при Владата. Сето она што ќе се констатира од судскиот процес ќе биде основа за преземање одговорност на сите оние кои придонеле или со своето неделување дозволиле ова да се случи. Одговорноста доаѓа на крај кога ќе се констатираат состојбите. Ова не ни се случува само нам. Многу земји поминале низ ова. Најсилните земји не успеале да обезбедат нивните ситуации да не се прелеат. Ова е можност за една сериозна промена или трансформација на нашите безбедносни служби и прочистување. Ќе ни треба помош од НАТО и од ЕУ од искуствата што ги имале и кои механизми се презеле за решавање. Институционално можеби сме компатибилни, но потфрлил човечкиот фактор.
Во случајот Пуч имаме судска пресуда. Лицето кое е осудено признало дека нелегално прислушувало, потврдена е и веродостојноста на материјалите, потврдено е и присуство на странски служби. Сметате ли дека со ист интензитет ќе се води и процес за случајот Прислушување, за доказите поднесени од опозицијата и дали сметате дека и по тие материјали ќе треба да понесат одговорност лица од македонската политика?
Сега е период кога сите институции треба да го покажат својот капацитет и својата подготвеност да се справуваат со предизвиците. Ова е тест за нашите институции. Сега ќе видиме колку е транспарентно судството и колку тоа може да се справува како неутрална институција и од сето она што е покренато по предметите Пуч и Прислушување.
Јавноста треба да знае, едно е кога настапувате во јавност и изнесувате ставови. Тоа е убаво за кампања и медиуми. Судството бара соочување со другата страна, со докази, па носење пресуда, која подлежи и на второстепена постапка, односно кога целиот правен систем е во функција.
Во овој случај “Пуч” еден од обвинетите е и Заев. Се говори за правна и политичка разрешница. Би го аболицирале ли Заев за политичка разрешница?
Кога тој беше аболициран првиот пат и законот беше поинаков, беше поинаква улогата на претседателот. Сега треба да помине цела процедура во Министерството за правда, па да се предложи аболиција. Веројатно околностите се изменети и секој ќе понесе одговорност за сето оно што го направил и придонел за актуелната ситуација. Се друго останува во доменот на политичките лидери кои со помош од ЕК ќе мора на некој начин да се соочат со состојбата и да си ја преземе одговорност.
Во рамки на дијалогот, сте го повикале ли Заев пред кризата, а и по кризата?
И кога беше избран за лидер за опозицијата, го повикав да дојде во кабинетот за да му ги изнесам пораките кои ни беа упатени од претходниот претседател на Европскиот совет, а се пренесуваат усно, кои имаат навестувања за одредени состојби кои ни се случуваат, а и ќе ни се случуваат и кои треба да ги знаат политичките лидери. Тој одби да дојде. Тој не стапнал во претседателскиот кабинет. Како тогаш можеме да зборуваме дека бараме и сакаме да има завршница кога не може да се разговара во институциите.
Тоа не беше случај со претходниот лидер на опозицијата, кога ја имавме кризата за 24 декември, му се јавив по телефон, го повикав и дојде и тој заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, односно премиерот, разговаравме во мојот кабинет зад затворени врати. За се е потребен дијалог, а не монолог, а сега има отсуство на желба за дијалог на лидер на опозиција, кој не сака да влезе во кабинетот, а не да разговара и да најде решение.
Подготвени ли сте да влезете вие во една медијација на политичко решение, во ситуација кога ДУИ не ве признава, СДСМ во еден момент ве признава, во друг не, и во момент кога има ваква констелација на односи кога двете страни покажуваат не само нетрпеливост, туку и непријателство?
Учествував во справување со две поранешни кризи на моја иницијатива. Имав и лидерски средби, имав и мои иницијативи кои беа поддржани од еврокомесарот Филе. Меѓутоа, тоа останува на лидерите на партиите тоа е партиска работа, партиите треба да се соочат со реалноста, дали сакаат излез од ситуацијата и дали сакаат на некој начин од се што ни се случува да ги променат своите структури зошто по ова што ни се случува се неопходни промени во сите политички партии. Партиите треба да си ја сфатат улогата што ја имаат во општеството и последиците од сите нивни активности и неактивности. Доколку се има желба, јас сум тука и сум излегувал во пресрет. Зошто освен дијалог на кој начин политички би решавале состојбите, ова е и време на отрезнување и освестување. Сами може да видите кога отсуствувате од дијалог во надлежни институции што ви се случува.
Решение ќе мора да има. Кое е решението?
– Решението ќе биде резултат на она што ние го иницираме. Бидејќи прв пат се соочуваме да се видиме самите со себе, какви сме и што сме, со кој капацитет располагаме и како ги почитуваме институциите и процедурите, колку го почитуваме Уставот и законите и она што сме го договориле. Сега станува збор за чиста политика и капацитет на политичките лидери и партии да покажат колку умеат да се справуваат со вакви состојби во интерес на државата и граѓаните и пред се од аспект на европската агенда затоа тука се партнерите од ЕУ, во овој случај Европскиот парламент, во следна фаза Европската комисија, а потоа и Европскиот совет. Кога ќе ги завршиме нашите обврски ќе имаме образ да бараме и да очекуваме од Европскиот совет да се соочи со последиците од своите одлуки или не – одлуки. Тогаш ќе можеме да прозиваме и да кажеме дека дел од сево ова има и во тоа што Европскиот совет не најде начин да почнеме преговори. Тоа не е алиби за она што ни се случува, но сепак има удел и во создавањето фрустрации и незадоволство кај сите.
Еден ден кога ова ќе се заврши секој ќе знае кој е неговиот удел и со што придонел да ни се случува ова, но и да не се повтори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст