Бугарија и Хрватска се залагаат за засилување на регионалната соработка во Југоисточна Европа и за продлабочување на нивното билатерално партнерство во рамките на ЕУ, заклучија денеска во Софија бугарскиот претседател Росен Плевнелиев и првиот човек на Хрватскиот сабор, Јосип Леко.
Како што јави БТА, Плевнелиев оцени дека членството на Хрватска во ЕУ претставува стимул за забрзување на реформите и во останатите земји од регионот со што ќе ја потврдат својата европска перспектива.
– Решавањето на отворените прашања и градењето на добрососедски односи меѓу државите од Балканот треба да бидат приоритет во интерес на заедничката иднина на Југоисточна Европа во ЕУ и во НАТО – оцени Плевнелиев.
Леко, кој престојува во посета на Софија, нагласи дека процесот на проширување на ЕУ е од стратешко значење не само за Бугарија и за Хрватска, туку и за стабилноста на регионот и на цела Европа.
Плевнелиев и Леко се заложија и за создавање Европска енергетска унија, со што, спорд нив, би се намалила енергетската зависност на Југоситочна Европа и би се придонело за диверзификација на изворите на енергенти, пред сѐ на природен гас.
Бугарскиот претседател ја нагласи и потребата од обединување на државите од Југоисточна Европа во создавање регионална енергетска берза, која ќе овзоможи слободна трговија со дистрибутерите на енергенти по конкурентни цени базирани на пазарен принцип.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.