Во Узбекистан денеска се одржуваат претседателски избори на кои се очекува убедлива победа на долгогодишниот лидер Ислам Каримов, но долгорочната иднина на оваа држава во центална Азија и натаму е мошне неизвесна. Во земјата има околу 20 милиони избирачи со право на глас, а објавувањето на резултатите се очекува утре.
Ислам Каримов (77) се наоѓа на чело на поранешната советска република со 30 милиони жители 26 години, континуирано од крајот на ’80-те години на минатиот век и немилосрдно ја задушуваше секоја опозиција. Каримов на денешните избори ќе се соочи со тројца чисто номинални кандидати. Тој на претходните избори во 2007 година освои 91 отсто од гласовите.
Иако во Узбекистан нема никакви назнаки за немир, иднината на земјата е неизвесна поради тешката безбедноста ситуација во соседен Авганистан и непостоењето на јасен план за сукцесија, доколку Каримов ненадејно ја напушти политичката сцена. Не треба да се занемарат ниту економските проблеми, кои би можеле да настанат како последица на неминовната рецесија во Русија, каде живеат и работат околу три милиони Узбекистанци. Од стекнувањето на независност во 1991 година Узбекистан водеше политика на економска самодоволност и се обиде да ги држи во рамнотежа дипломатските односи со Западот и со Русија.
САД отворија воена база во таа земја по терористичките напад врз Њујорк и Вашингтон на 11 септември 2001 година, но во 2005 година беа принудени да ја напуштат, бидејќи односите меѓу двете земји се влошија, откако властите насилно го задушија бунтот во Андиџана, кога се смета дека загинаа неколку стотици лица. Оттогаш на речиси сите западни медиуми им е забрането да известуваат од таа земја, а независните новинари и активисти се изложени на постојани репресии. Каримов на предизборните собири говореше дека Узбекистан повеќе никогаш нема да дозволи отварање на странска воена база на своја територија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.