Премиерот Никола Груевски од собирот во Штип најави изградба и реконструкција на повеќе патни правци во источниот дел на Македонија кои се планирани да почнат уште во текот на годинава. Груевски рече дека изградбата на патната инфраструктура е работа што секој може да ја види, како што се гледа и веќе отпочнатата изградба на автопатска делница Миладиновци – Свети Николе – Штип, во должина од 47 км инвестиција која ќе биде завршена 2017 година.
Тоа е капитална инвестиција за цел исток, на која во огромен број работат македонски работници и македонски фирми, порача премиерот Груевски.
– Истовремено, вршиме и реконструкција и рехабилитација на патниот правец Велес – Кадрифаково, со вкупна должина од 26 км во висина од 14 милиони евра, што ќе биде завршено до крајот на оваа година. Кога сме кај патната инфраструктура, сакам да истакнам неколку битни работи за целиот регион.
Во април почнуваме со градежни работи за надградба на патната делница Карбинци- Зрновци-Виница во должина од над 10 километри и вредност од околу 1 милион евра.
Обезбедивме финансии во вредност од 43 милиони евра за изградбата на експресен пат Штип – Кочани, како комплетно нова траса со четири ленти во должина од 26км. Почетокот на градежните работи започнува во втората половина на годината и комплетно ќе се реализира до 2017 година.
За патниот правец Кочани, Каменица, Делчево, кој е во должина од 30 километри, кон крајот на годината започнуваме со градежни работи за темелна реконструкција и модернизација на патниот правец, со проширување на кривините и исправање на критичните точки на патот и ова е инвестиција во вредност од 10 милиони евра.
Правиме напори и во длабока фаза сме на обезбедување на средства во висина од околу 60 милиони евра за изградба и на експресниот пат од Штип до Радовиш, со четири ленти, и должина од околу 40 километри, и ако се оди како што треба планот е кон крајот на годината да се започне со релаизација и на оваа инвестиција.
Во овој регион досега само во изминатите 4 години реконструирани, реновирани и модернизирани се 42 локални и регионални патни правци, во вкупна должина од 127 километри и вкупна инвестиција од околу 14 милиони евра само за локални и регионални патишта. Се реализираат и се во фаза на реализација и проектите во висина од 5,8 милиони евра за изградба и реконструкција на патната инфраструктура во истокот, обезбедени од Светската банка и Европската Банка за обнова и развој, од кои само за Штип се наменети 1,4 милиони евра, рече Груевски.
Премиерот од говорницата во Штип потсети и дека пред десетина дена започната е изградбата на гасоводната мрежа, од Клечовце до Штип во должина од 60 километри и инвестиција од 75 милиони долари.
– Овој проект е од особена важност за стопанството но и за граѓаните, бидејќи можноста за користење на гасот во домаќинствата, ќе значи пониски сметки за струја и пониски сметки за греење, рече Груевски.
Премиерот најави и продолжение со инвестициите за изградба на водоводна и комунална инфраструктура.
Во Виница, отпочната е реконструкција на водоводна мрежа во с.Блатец која очекуваме да заврши во септември. Во Кочани, во тек се градежни зафати за одвојување на фекалната од атмосферска канализација кои ќе завршат до јуни. Во Пробиштип, во јуни ќе почне процес на подобрување на системот за водоснабдување, а во октомври-ноември изградба на водоводна мрежа и канализација. Во Свети Николе и во Пехчево, во септември-октомври започнува изградба на канализации. Во Берово,во јуни-јули отпочнуваме со изградба на дел од главен колектор за викенд населбата Беровско езеро, а во август и септември со изградба на водоводна мрежа за с.Ратево.Сите заедно, само овие проекти вредат околу 3 милиони евра, најави Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии