| четврток, 6 декември 2018 |

Убиен братот на претседателот на Шри Ланка

maithripala-sirisena2

Братот на претседателот на Шри Ланка, Маитрипала Сирисена е убиен со неколку удари по главата со секира, по една расправија со засега нединтификуван маж.

Според соопштението на полиција, Пријанта Сирисена (42) бил тешко повреден и префрлен во болница, каде подоцна починал.

Инцидентот се случил во градот Полонарува, североисточно од главниот град Коломбо, каде убиениот живеел со своето семејство. Тој бил локален бизнисмен и не бил поврзан со политика, па се верува дека мотивот за убиството на братот на претседателот нема политичка заднина.

Весникот „Коломбо Газет“ пишува дека убиството се случило по претходна „приватна расправија“ на напаѓачот и жртвата. Полицијата соопшти дека убиецот е фатен и уапсен.

Во време на инцидентот во Полонарува, претседателот Сирисена не беше во земјата. Тој е во официјална посета на НР Кина.

Убиството на Пријанта Сирисена, најмладиот брат на претседателот, доаѓа во време на полемика во Шри Ланка околу одлуката на шефот на државата значително да се намали неговата лична безбедност, како и да се укина обезбедувањето за неговите најблиски во семејството.

Маитрипала Сирисена беше избран во јануари оваа година, на предвремените претседателски избори кои ги распиша неговиот претходник Раџапакса, уверен дека лесно ќе освои уште еден претседателски мандат.

Победата на Сирисена беше означена како неочекувана и како големо изненадување.

Тој победи благодарејќи на големата подршка што ја доби од малцинските Тамилци, како и од другите малцински заедници во земјата, но и затоа што остана без поддршката на неговите, разочарани Синхали гласачи, кои се мнозинско население во Шри Ланка.

Тие го обвинуваа претходниот претседател Раџипакса дека ја претворил земјата во „приватна компанија„ управувана од него, од неговото семејство и најлојалните сојузници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top