| четврток, 6 декември 2018 |

Таблетите се одличен проект за студентите, од денеска може да аплицираат

tablet

Во време кога едно македонско семејство со ниски примања не може да си дозволи набавка на таблет комјутери, проектот на Влада е одлична шанса за студентите кои се при крај со своите студии. Ова се дел од коментарите на студентите од трета и четврта година кои наскоро ќе ги добијат ваучерите во вредност од 8000 денари за набавка на таблет со тастатура, пишува Лидер.

– Да, ова е одлична можност за нас студентите, посебно за оние што, покрај трошоците за студирање не можат да си дозволат и купување на таблет.

-Јас сум четврта година на студии и да, ќе аплицирам за да добијам ваучер и да си набавам таблет.

-Секако, и покрај коментарите дека не ни требаат таблети, ова е можност да добијам таблет, кој досега го немав- се дел од коментарите на студентите

Од денеска стартува огласот за студентите

Студентите од трета и четврта година кои се при крај со студиите од денеска ќе можат да аплицираат за добивање ваучери за набавка на таблет со тастатура. Според владините проекции, станува збор за околу 12 000 студенти од земјава, на приватните и државните универзитети кои имаат право на аплицирање.

-Анализата којашто ја направи Владата за цените и таблетите коишто беа најбарани минатата година покажува дека сумата од 8.000 денари е далеку подобра од она што беше најбаран таблет во 2014 година. Од А класа таблети во 2014 година беа увезени 15.000 таблети, а само со оваа програма којашто ја има Владата планираме да им понудиме 12.000 ваучери на студентите.Тоа значи дека три четвртини од пазарот што го имаше приватниот сектор во целата 2014 ќе ги спроведеме во два до три месеци – изјави Иво Ивановски, министер за информатичко општество и јавна администрација.

Кои студенти имаат право на таблети?

Со Законот се предлага ваучери во износ од по 8.000 денари за обезбедување таблет компјутери со надворешна тастатура да се дадат на редовни студенти кои првпат се запишани во трета и четврта година, а се од семејства со месечни приходи до 32.741 денари бруто приход, како и на студенти евидентирани како лица со посебни потреби запишани во која било година на студии. За спроведување на Законот се потребни 96.000.000 денари обезбедени од Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација.


ИКТ компаниите очекуваат зголемување на продажбата и развој на индустријата

За ИТ компаниите огласот е објавен од вчера. Може да се пријават фирми од ИТ дејноста кои работеле на пазарот најмалку две години и имаат најмалку тројца вработени.

-Во денешно време кога буџетот на едно македонско семејство првенствено не е наменет за набавка на ИТ опрема оваа акција ќе придонесе за зголемување на продажбата на ИТ опремата, пред се на таблетите како најпопуларни уреди во овој момент кои се потребни за студентите. Очекуваме зголемување на продажбата, добивме информации од Министерството колку се очекува да се продаде во наредниот период, а компаните се подготвуваат да излезат во пресрет на купувачите – изјави Саша Огненовски, претседател на ИКТ комората при Стопанската комора на Македонија.

Надлежните институции се надеваат дека со проектот ќе се намалат и цените бидејќи конкуренцијата во економијата ќе се раздвижи, а компаниите ќе понудат поповолни цени и поповолни продукти за да можат студентите да ги искористат ваучерите во нивниот сектор.

-Се надеваме дека овој сектор ќе продолжи да се развива, тоа е и целта на Владата, да има повеќе вработувања, а со тоа и оние кои ќе ги добијат таблетите еден ден да се вклучат во овој сектор на информатичко комуникациски технологии – рече Ивановски.

За проектот ќе бидат одвоени 96 милиони денари.

Во август ќе биде комплетиран и проектот набавка на таблети за учениците, како продолжение на проектот Комјутер за секое дете. Инаку ова не е прв пат, студентите да добијат комјутери. Во претходните проекти, студентите од четврта година исто така добија ваучери за купување комјутер.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top