| четврток, 6 декември 2018 |

Автопатите се градат по законскиот терк на СДСМ за браната „Козјак“

градење2

Криминалот за кој обвини вчера опозицијата, а се однесува за наводно „најголем финансиски и корупциски скандал во Македонија и во регионот во кој кој е инволвиран премиерот Никола Груевски“, уште еднаш ја покажува вистинската бескрупулозна и лицемерна страна на лидерот на СДСМ, чија единствена цел е нечесно и по секоја цена да ја преземе власта во земјава.

Вчера, повторно во евтиниот стил на „откриваме невиден скандал“, Заев пред јавноста пушти незаконски прислушувани и монтирани приватни телефонски разговори кои требало да покажат како власта договара провизија од изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип и тоа без распишан јавен тендер. Според Заев, станува збор за бизнис тежок 580 милиони евра од два автопати кои се прават со кредити, а од кои наводно 5 отсто оделе во џебот на Груевски.

Колку и да е упорен во својата политичка реторика со конструкции и дискредитации, и овојпат неговото убедување „држи вода“ само за неговите политички истомисленици, бидејќи во разговорите ниту еднаш не се слушна договарање за некаква провизија и законско изигрување, туку само негово тенденцино укажување дека зад кажаните зборови стои друга „скриена“ игра, а за која ете тој го има ексклузивното право да ја декодира вистинската содржина. Дури обвини и дека автопатите се граделе без јавен тендер, иако на јавноста и е многу добро познат фактот дека за проектот за автопатиштата пратениците изгласаа закон, на 25 октомври 2013 година, според кој што кинескиот кредит земен за изградба, не легна на сметката на ниту една државна институција, туку договорот беше кинеската банка директно да ја плаќа фирмата изведувач.

Се поставува прашањето за каков криминал и незакоение зброрува? Отвора сомнеж за начинот на кој се правени преговорите за изградбата на автопатите, а на истиот начин, во времето на владеењето на СДСМ се договараше доградбата на ХЕЦ „Козјак“. Но, за разлика од овој поволен кредит, проектот за „Козјак“ СДСМ го почна во 1996 година, и тоа со неповолно кредитно задолжување во висина од 93 милиони американски долари и со камата од над 8 отсто. Tогашната владејачка гарнитура го потпиша договорот на крајно нетранспарентен начин со кинеската трговска компанија „Хаинан“, која потоа банкротира, влезе во стечај, а нејзиниот директор заврши во затвор. ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на власт го раскина тој штетен договор, а потоа почна преговори со кинеската влада и склучи анекс со државната кинеска компанија CWE,  која всушност и го заврши проектот „Козјак“.

За изградбата на новите автопати во Макединија, сегашната Влада зеде кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени. Според договорот, проектот е финансиран десет проценти со пари од македонската Влада, а 90 проценти преку исклучително поволен кредит од страна на кинеската Ексим банка.

Автопатот што се гради на релацијата Скопје-Свети Николе-Штип ќе чини 206 милиони евра,  а автопатот Кичево-Охрид 374 милиони евра. А, како што беше и официјализирано, заедно со основната вредност на автопатското решение Кичево-Охрид од 374 милиони евра, 10 проценти за дополнителни работи како и 4 милиони евра наменети за експропријација, вкупната вредност на овој автопат би изнесувала околу 415 милиони евра.

Автопатот Кичево-Охрид е најважната инфраструктурна работа за Охрид во последните неколку децении. Автопатот се гради по сосем нова траса во должина од 40 километри, додека само 16 километри ќе бидат на постоечката. На овој автопатот се предвидуваат и 15 помали и 7 поголеми мостови, како и тунел долг два километри, кој треба да го реши превојот Пресека.

Од досега објавените информации, два милиони евра се потрошени за експропријација на автопатот Миладиновци-Штип,  а за експропријација на Кичево – Охрид 4 милиони евра. За надзорот за Миладиновци – Штип се планираат 10 милиони, за Кичево – Охрид 15 милиони евра.

Дека оваа влада постигнала поволна цена за изградба на автопатите, покажуваат и неколку споредбени податоци, односно просечната вредност на автопатите во Австрија  чини 12,87 милиони евра по километар,  во Унгарија 11,21 милиони евра по километар, во Словачка 9,56 милиони евра по километар, во Чешка 8,86 милиони евра по километар, во Словенија 7,29 милиони евра по километар, во Германија 8,24 милиони евра по километар, а за покомплицирани теренски простори автопатиштата во Германија достигнуваат цена и до 25,99 милиони евра за километар.
Автопатот Миладиновци-Штип чини 4,4 милиони евра по километар, а  автопатот Кичево – Охрид во кој што најголем дел, преку 70% е по планински предел изнесува 6,7 милиони евра по километар. На овој автопат е  предвидена клучка кај Кнежино, шест натпатника, 13 потпатници, 15 вијадукти над 150 метри, седум вијадукти под 150 метри и два километри тунел пресека со две цевки.

Автопатот Скопје-Штип е во должина од 53 километри со широчина од 29 метри, односно ќе има по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Рокот за изградба на оваа автопатска делница е три години. Автопатот Кичево-Охрид, пак, е долг 56,7 километри, широк 27,5 метри и треба да се изгради за 45 месеци.

Пешевски: За автопатите постигнавме најдобар договор од сите земји во регионот

Во преговорите за изградбата на автопатите до Штип и Охрид се преговараше за цената, но и за огромен број  технички детали кои што се многу важни: обврски за користење на локални компании, локални вработени и локални материјали, за што успеавме да постигнеме одлични услови. Во овој дел е постигнат најдобар договор од сите држави во регионот, со тоа што над 70 отсто од вредноста на автопатот останува во Македонија, кај македонските компании и работници, вели вицепремиерот Владимир Пешевски.

Vladimir-Pesevski-740x320-top2

Тој истакна дека консултациите биле со намера да се постигне што пониска цена, а се друго обид за тешка манипулација.

– Доволно е да кажам дека последните рунди на разговори траеа по 19 часа без прекин. Дел од тие техники е и начинот како се спушта цената. Во тоа спуштање се сугерира со кој чекор двете компании да ја намалуваат цената во фазата на преговори. Откога беше постигната горната цена, на двете компании им беше даден дополнителен рок во кој имаа дискреција да ја спуштат цената под ова ниво и да достават конечна понуда. Беше одбрана најниската понудена цена, за која што слободно можам да кажам дека е меѓу најниските во Европа – потенцира Пешевски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top