Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Попоски, во рамки на „Денови на Агенцијата“, денеска го посети Центарот за вработување во Прилеп.
Попоски изјави дека се работи за редовни годишни посети за да се појаснат мерките за вработување, но и да се даде одговори на прашањата од невработени лица и на работодавците.
– Преку овие средби сакам да ги слушнам невработените и работодавците дали владините мерки се соодветни или не, дали се постапува по нив, да ги информираме за сите можности и привилегии што ги нудиме – изјави Попоски.
Според него, невработените и работодавците најмногу се интересираат за мерките што ги најави премиерот Никола Груевски, но, како што рече, тие мерки се во подготовка и кон крајот на април ќе може да се применуваат.
Попоски информираше и за мерките што Агенцијата ги нудиме, како што се обуки кај познат работодавец, за субвенции и практикантство и за сите новини во Агенцијата, посебно што се однесуваат до информатичката технологија.
Невработените лица во Прилеп најмногу се интересираат за тоа кога ќе се објават огласите за новите инвестиции на компаниите „Гентерм“ која најави 2.000 вработувања и „Акомпласт“ со 250 нови работни места.
– Тие се планирани инвестиции. Од она што сум информиран, за кусо време треба да почнат првите вработувања, односно менаџерскиот кадар, потоа и на оние кои ќе бидат упатени на обука. Компанијата „Гентерм“ за еден до два месеца ќе почне со првите вработувања, а со другите на есен – објаснува Поповски.
Инаку, во текот на минатата година, само со оперативниот план на Агенцијата за вработување во државава 5.700 млади луѓе беа во работен однос, а со почетокот на годинава вкупно се над 6.500 нови вработувања.
– Воедно, само со мерката млади до 27 години со ослободување од придонеси лани се вработија над 5.000 лица и заедно со оние 5.700 нови работни места, во текот на 2014 со оперативниот план се вработени над 10 700 лица. Се надевам дека годинава бројот ќе биде уште поголем, особено со мерките што ги најави премиерот кои треба да им дадат дополнителен мотив на рабоптодавците да ги отворат своите капацитети за нови вработувања, пред се зашто тие ќе исплажаат плата, а придонесите ќе ги апсорбира државата, изјави Попоски.
Во овој момент, нагласува директорот на Агенцијата за вработување Влатко Попоски, во државава процентот на невработеност е 26 и за е намален еден процент. Вкупната бројка на активни и пасивни баратели на работа е 225.000 лица, информира Попоски и посочува дека во Центарот за вработување треба да има поголема ажурност и вработените да бидат повеќе на терен, во контакт со работодавците.
Што се однесува до бројките во Прилеп, според директорката на Центарот за вработување, Силвана Пашоска, откако се применуваат владините мерки од 2007 година имаше 24.900 невработени, сега се 15. 800, од кои 7.200 се активни баратели на работа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.