| четврток, 6 декември 2018 |

Гинко: Поддршката за НАТО и за ЕУ е помала од тоа што се мисли

Некои претставници на ЕУ веруваат дека имаат право да диктираат што треба да се направи во политиката и забораваат дека Македонија е независна демократска држава, чијашто влада, на чело со премиерот Никола Груевски, беше избрана во согласност со демократските процедури

Уверен сум дека просперитетот и вистинската независност на Грција и на Македонија значи дека политичарите од тие две земји мораат прво да мислат на волјата на мнозинството граѓани на своите земји, како што, впрочем, налага и демократијата – вели Владислав Гинко, економист од Руската претседателска академија за национална економија и за јавна администрација (Москва, Русија), чиешто стручно мислење и статии често се цитирани или објавувани во многу руски и меѓународни медиуми.

 

Дали Русија е во општа криза (не само економска), како што западните политичари и стручњаци тврдат во последно време?
ГИНКО: Руската економија е доволно силна да издржи какви било неволји, кои санкциите делумно ги предизвикаа. Ако се спореди сегашната состојба со таа од 2009 година, кога БДП на Русија падна на 7,9 проценти, економскиот застој годинава ќе биде умерен, од само неколку проценти. Руската рубља доживеа значајна девалвација во декември и јануари, но тоа беше, всушност,  единственото нешто што може да се смета за значаен негативен финансиски настан. Истовремено, девалвираната рубља овозможи зголемување на извозот на руски производи и услуги и среднорочно засилување на домашното производство. Влијанието од девалвацијата на цените беше очигледно, но подносливо бидејќи Русија може да се пофали со многу ниска невработеност, која во големите градови е под еден процент, а на државно ниво е под шест проценти.

 

Деновиве се појавија вести дека некои западни земји би сакале да се приклучат кон „новиот ММФ“, финансиска институција основана од БРИКС?
ГИНКО: Земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република) покажаа поголемо економско забрзување од развиените земји во последната деценија. Важно е да се нагласи дека Русија во БРИКС и меѓу апсолутното мнозинство на развиени земји изгледа како економски мотор, кој постигна економски пораст без значајно зголемување на економскиот долг. Всушност, државниот долг е помал од пет проценти од БДП, а вкупниот долг на сите економски агенси во Русија (државата, фирмите, банките, населението) не е повеќе од 80 проценти од БДП. Таквиот нов модел на економски пораст, кој во коренот има всадено голема доверба на народот во владината политика, е извонреден пример за алтернативен начин на економски развој, без масовна невработеност и без огромна задолженост.

Другите земји од БРИКС имаа свои искуства со економскиот развој и потреба да ја изразат својата позиција во светскиот финансиски поредок, што доведе до создавањето посебни финанскиски институции на БРИКС, како банка и фонд.

Би сакал да нагласам дека зем­јите од БРИКС се отворени за економски плурализам, а светот на финансиите ќе го направат мултиполарен и тоа не само во поглед на улогата на американскиот долар во меѓународната трговија, туку и во поглед на економските идеи и политика.

 

Каква е стратегиската агенда на Русија за Југоисточна Европа, вистина ли е дека Москва би сакала да ги прошири своите зони на влијание во Грција, Македонија, Србија и така да го спречи проширувањето на НАТО во тој регион? Каков е Вашиот коментар на тоа?
ГИНКО: Агендата на Русија за Југоисточна Европа е иста како и кој било друг регион во светот. Русија ќе ги прошири и развива економските, културните и социјалните односи со сите земји што се обврзуваат на демократските принципи, а тоа значи да ги знаат и да ги промовираат сопствените интереси и истовремено да ги разбираат и почитуваат интересите на партнерите и да не се однесуваат како голем играч што ги диктира и наметнува само сопствените интереси занемарувајќи ги реалните интереси на другите земји.

Очигледно е дека Русија сега активно ги развива односите поврзани со гасот и со нафтата со азиските земји, како, на пример, Кина. Во Европа, пак, Москва и Анкара се насочија кон проектот „Турски тек“, а Македонија има придобивки од тој проект бидејќи Русија сега гради гасовод во Македонија. Москва е подготвена да биде прагматична и тоа го очекува и од своите партнери.

Што се однесува, пак, до можниот прием на Македонија во НАТО и во ЕУ, важно е да се види дали таквиот потег е искрена желба на мнозинството македонски граѓани.

 

Многумина тврдат дека Русија стои зад грчкото вето за членство на Македонија во НАТО. Колку е тоа реално, кога знаеме дека Грција е во партнерство со Западот и е членка на НАТО и на ЕУ?
ГИНКО: Се знае дека Грција е членка на НАТО и на ЕУ и нејзините одлуки делумно се условени од Брисел и од Вашингтон. Грција е, во исто време, и независна држава. Имајќи ги предвид тие две претпоставки, може да се каже дека сите дискусии меѓу Грција и Македонија за прашањето за името се дискусии само меѓу тие две земји, со очигледно влијание на органи на НАТО и на ЕУ. Истовремено, сведоци сме и дека некои политичари од Брисел и од Вашингтон прават упад во внатрешната политика на Грција и на Македонија и речиси директно диктираат многу одлуки.

Уверен сум дека просперитетот и вистинската независност на Грција и на Македонија значи дека политичарите од тие две земји мораат прво да мислат на волјата на мнозинството граѓани на своите земји, како што, впрочем, налага и демократијата.

 

По обвинувањата на македонскиот премиер за спречен „државен удар“ организиран од лидерот на опозицијата, за разлика од претходно, Москва испрати силна порака за поддршка на Владата на Република Македонија, која беше поинаква од пораката од западните власти.  Што значи тоа во ситуација кога 90 проценти од населението се за членство во НАТО и во ЕУ?
ГИНКО: Имам видено резултати од некои затворени анкети што покажуваат силно противење на влезот на Македонија во НАТО и зголемени сомнежи за неопходноста од приклучување кон ЕУ како вистински чекор кон економски просперитет. ЕУ е еден голем проект, чијшто успех е под големо прашање кога гледаме што се случува со земјите што пристапуваат кон оваа унија. Сепак, ЕУ има полни раце работа – Грција може да ја напушти еврозоната, а нејзиниот пример може да го следат и други земји. Да се биде дел од ЕУ, а да не се применува еврото – која е логиката? Понекогаш изгледа дека земјите-членки на ЕУ лесно воспоставуваат соработка со НАТО. Но, НАТО не е 100 проценти одговор на економските проблеми на европските земји. Покрај тоа, членството во НАТО значи дека новите членки мора да трошат до два процента од својот БДП за потребите на НАТО – огромна сума за секоја економија, особено ако вашата земја има огромна стапка на невработеност и буџетски дефицит од 3,5 проценти од БДП.

Постои друго решение освен ЕУ – Евроазиската економска унија е отворена за соработка со други земји. Секој што ги следи економските и финансиски бројки на оваа унија може да ги спореди со истите параметри на ЕУ и да извлече заклучоци. Верувам дека ќе се забележат придобивките на Евроазиската економска унија во однос на трговските бројки и инвестиции. Македонија веќе ја разбира важноста од соработката со Русија во доменот на енергијата: тоа носи милиони долари инвестиции, нови работни места, поевтина енергија и обезбедува основа за одржлив економски развој на Македонија. Во исто време, тоа е само една страница од огромната книга на неодамнешната соработка меѓу Македонија и Русија. Ако замислиме дека Македонија ќе ѝ се приклучи на Евроазиската унија тоа би значело и повеќе инвестиции од милијарди долари од Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и од Киргистан и илјадници нови работни места. Изборот е на македонската влада.

 

Vladislav-Ginko-int133-2

 

Дали Русија знае дека Македонија, и покрај заедничките верски и културни вредности, се гледа во западните институции и дека единствената можна врска со Москва би можела да биде економската?
ГИНКО: Евроазиската економска унија е економска унија, додека членството во ЕУ значи дека секоја земја-членка има огромен дел во процесот на донесување одлуки во Брисел. Москва смета дека основниот интерес на Русија е да ги развие односите со целиот свет. Знаете дека Русија и ЕУ имаат длабоки историски, економски, социјални и културни односи. Москва смета дека санкциите не се вистински начин за да се развијат односите и дека не може да бидат замена за дијалог и Москва забележува растечка поддршка за оваа гледна точка меѓу европските бизнисмени, луѓе и некои политичари.

 

Многумина веруваат дека политичката криза во Македонија се должи на почетокот на проектот „Турски тек“, кој би требало да помине преку Турција, Грција, Македонија, Србија и, конечно, да стигне до Унгарија. Колку е ова точно?
ГИНКО: Мислам дека таа идеја е сосема погрешна бидејќи интересот на НАТО да ја има Македонија како член беше особено изразен минатата година, уште пред да почне проектот „Турски тек“. Веднаш откако НАТО ги изрази своите ставови видовме зголемено опозициско движење во Македонија, како и притисоци од страна на некои официјални претставници на ЕУ, кои дејствуваат во интерес на НАТО. Некои претставници на ЕУ веруваат дека имаат право да диктираат што треба да се направи во политиката и забораваат дека Македонија е независна демократска држава, чијашто влада, на чело со премиерот Никола Груевски, беше избрана во согласност со демократските процедури.

Да се потсетиме на предмајданска Украина. Тогашниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, кој беше избран во согласност со демократските процедури, прво беше пофален од страна на претставниците на ЕУ како демократски избран претседател на Украина, но по неколку години истите тие претставници на ЕУ почнаа да тврдат дека нелегитимно станал претседател. Тоа е опасна игра и Москва постојано го крева својот глас за да ја осуди таквата практика да се утврдува кој е легитимен или нелегитимен.

 

Дали е точно дека Македонија, Косово, Србија, Црна Гора, Молдавија и Транснистрија се на линија на огнот меѓу САД и Русија, како што неодамна изјави американскиот државен секретар Џон Кери? Треба ли да се загрижиме за стабилноста и за безбедноста на Европа?
ГИНКО: Тие зборови на американскиот државен секретар Џон Кери се за жалење бидејќи покажуваат дека некои политичари од Белата куќа живеат според стандардите на Студената војна, која заврши уште пред многу години. Верувам дека НАТО како воена организација претставува реален ризик за стабилноста на безбедноста на Европа според  нивните неодамнешни вежби. Во целата историја на Русија не постои толкава отвореност и заинтересираност за развојот на односите со европските земји како што е случај со сегашната влада во Русија.

 

Кое е најдоброто сценарио што  го гледа Москва за Украина? Дали новиот предлог на Киев за автономија на Донбас изгледа како светлина во тунелот?
ГИНКО: Што се однесува до Украина, оваа земја го покажува вистинскиот и жален случај на американската вмешаност во внатрешните процеси на други земји. Ние сите знаеме за голем број земји во кои американската администрација била вклучена во внатрешните работи и ако истражуваме што се случило со овие држави по обоените револуции и така натаму, во сите случаи ќе откриеме дека овие земји трпат катастрофални економски и политички последици. Би сакал да нагласам дека во сите случаи, настаните како Мајдан во Украина создадоа целосен хаос во земјите.

Време е сите држави и медиуми во светот да ги осудат недемократските т.н. обоени револуции како апсолутно злобен политички инструмент што беше применет неколку пати од страна на некои американски политичари како алатка за постигнување на нивните геополитички интереси. Украина ја загуби независноста и сега нејзините чекори се оркестрирани од некои познати американски политичари што треба да одговараат за трагичните случувања. Вреди да се нагласи дека огромното мнозинство од американските бизнисмени и многу Американци ја отфрлаат таквата политика на Белата куќа и претпочитаат дијалог и соработка со Русија место санкции. Ја гледам истата ситуација и во ЕУ, кога зборувам со луѓе од различни европски земји. Верувам дека сите ние сме заинтересирани за стабилност и за безбедност. Секогаш има време за дијалог.

 

Разговараше: Горан Момироски
Превод: Ана Цветаноска, Марија Манасиева
(Интервјуто со рускиот аналитичар Владислав Гинко е објавено во 133. број на неделникот Република, 20.03.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top