| четврток, 6 декември 2018 |

Четиринаесет години потоа

По цели 14 години откако во воената 2001 година во Македонија се појави првата афера со прислушување, на земјата ѝ се случува нов скандал, кој може сериозно да влијае на политичката, безбедносната и на економската состојба во Македонија. Контекстот и во 2001 година и сега е сличен, иако во регионот нема конфликти како тогаш косовскиот, тензиите во регионот, кој сѐ уште не ги затворил стратегиските прашања, се високи. На глобален план, состојбата е многу полоша

Кои се сличностите на сегаш­ната афера со скандалот што го обелодени екслидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски пред крајот на 2000 година? И тогаш и сега материјалите од прислушувањето ги има и ги објавува најголемата опозициска партија, и тоа на почеток на годината. И тогаш и сега нема контрола на илегално собраните документи за кои никогаш никој нема да дознае каде завршиле или ќе завршат. Никогаш нема да знаеме кој сѐ ќе биде уценуван кога политичарите ќе се договорат, а политичката криза ќе замине во историјата. „Случајното протекување“ на аудиоснимката во која се споменува како екслидерот на СДСМ договарал размена на гласови со ВМРО-ДПМНЕ во Центар и во Карпош е само доказ дека тој што ги има аудиодокументите нема контрола на нив и дека тие можат да бидат злоупотребени и за други лукративни или приватни цели. Тој товар сегашниот лидер на СДСМ ќе мора да го носи до крајот на својата кариера како политичар, но и до крајот на животот затоа што само еден растурен брак или едно самоубиство предизвикано од прислушувањето што ќе дојде до јавноста ќе биде препишано на негово конто.

Сличностите меѓу аферата „Големо уво“ и „Пуч“ има и во економските показатели. И тогаш и сега прислушувањето  се открива во период кога земјата е на прагот на промени во економијата . Во 2001 година за првпат во новата буџетска година земјата влезе со суфицит од околу 400 милиони германски марки, а сега, ако се суди според најавите од премиерот Груевски, годинава пред нас, со вработувањата во инвестициите што го потврдиле своето доаѓање во Македонија, треба да биде една од најуспешните од независноста. Фактот што по појавувањето на разговорите во јавноста и по почетокот на новата кулминација на перманентната политичка криза кај нас неколку инвеститори си ставиле прст на глава и размислиле дали да продолжат со плановите за инвестиции, доволно зборува каков ефект има аферата во економијата. Тоа што сега сите домашни фирми чекаат максимално пред да ги платат своите обврски и пред да нарачаат нови контингенти, е само логична последица на психозата што, покрај омразата меѓу граѓаните, ги зафати и домашните компании, кои се решаваат да почекаат пред да почнат каков било нов деловен чекор.

analiza133-2

Меѓу атмосферата во 2001 година и во 2015 година има и разлики. За разлика од тогашната мизерна слика за Русија, чиишто војници на приштинскиот аеродром „Слатина“ мораа да се повлечат откако снемаа бензин, вода и храна, сега Русија е во офанзива во регионот. За тоа не треба да читаме од руските медиуми или да ги слушаме изјавите на Сергеј Лавров или на Владимир Путин. Доволно е да видиме како американскиот државен секретар во официјална изјава нѐ стави на линија на огнот меѓу двете суперсили за да сфатиме дека Русија веќе успеала да направи тампон-зона во која, за жал, се наоѓаме и ние. „Бомбата“ на Заев не може да промени ништо во односите меѓу големите сили, но може значително да ја намали македонската внатрешна кохезија и механизми за одбрана од несакани сценарија.

Има разлика и во улогата на Грција во ЕУ и во регионот. За разлика од 2001 година, кога тогашниот претседавач на ОБСЕ Јоргос Папандреу беше еден од главните фактори при барање решенија за регионот, сега Грција е во длабока дефанзива. За разлика од моќната грчка дипломатија, која тогаш ни испраќаше „Нон пејпери“ и ги насочуваше грчките инвеститори во Македонија со цел земјата да стане зависна од грчкиот бизнис, сега Грција се соочува со губење на довербата од своите партнери, што јасно го кажа и германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле. Грција во моментов е во својата најранлива фаза, можеби, во последниве 50 години и се соочува со губење на своите некогаш цврсти позиции во ЕУ и во НАТО. И кога, конечно, западните партнери се уверија дека Грција безобразно лаже и манипулира, како што прави со Македонија во спорот за името, ние не можеме да поентираме. Место со аргументи и со факти за нашата позиција визави грчките лаги да настапиме во европските центри, ние сега самите ќе бараме посредници и помош за нашите кризи и ќе ја пропуштиме шансата за пресврт, кој може да биде реален ако Грција ја напушти еврозоната.

Можеби суштинска разлика од конфликтната 2001 година е планот за таканаречениот „Турски тек“, гасовод што треба од Русија, преку Турција, Грција, Македонија и Србија да носи гас во Унгарија и понатаму во ЕУ. Иако и тогаш, пред 14 години, се зборуваше за проектот АМБО, кој требаше да ги реши енергетските проблеми на многу земји во регионот, сега во игра не е само план, туку и конкретни пари на две земји, кои ќе имаат огромен интерес да го спроведат планот за „Турски тек’. Да беа во прашање приватни компании и интереси на акционери, веројатно, можноста тој да се спроведе ќе беше многу помала, но сега се работи за Русија и за Турција, кои секоја со своја сметка влегува во проектот. Во секој случај, влезот на Македонија во проектот зависи од тоа дали политичката криза ќе се претвори во безбедносен предизвик. Какви било меѓуетнички судири ќе значат крај за македонското учество во проектот, кој може да донесе енергетска независ­ност, приходи од транзит на гас и геостратегиска тежина што, објективно, Македонија никогаш ја немала. Во услови на долгорочна внатрешна политичка нестабилност, Македонија многу потешко ќе може да се соочи и со сугестиите од земјите-пријатели на запад, кои ќе се обидат пријателски да укажат дека зависност од Русија ќе значи оддалечување од евроатлантските интеграции иако Берлин веќе кажа дека секоја земја треба сама да донесе одлука дали ќе соработува со Москва.

Последната разлика меѓу 2001 година и оваа 2015 година е постоењето на мрежата на радикални исламски структури и во Македонија и во регионот, кои што можат да ја искористат актуелната политичката нестабилност и евентуалната безбедносна криза доколку приврзаниците на Заев, разочарани што нема оставки во владата, тргнат да освојуваат институции, како што сега тоа на мирен начин го прави генералот Стојанче Ангелов. Во хаосот што може да настане при насилни обиди за преземање на власта за екстремните групи и за повратниците од Ирак и од Сирија, ќе биде многу лесно да ги спроведат своите цели за дестабилизација и за промоција на своите позиции.

 

(Текст објавен во 133. број на неделникот Република, 20.03.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top