Поранешниот чешки премиер Станислав Грос, за кого се претпоставува дека боледува од неизлечива болест на ‘рбетниот мозок, а неговата состојба продолжува да се влошува, се сомнева дека бил отруен, информира чешкиот портал „Неовливни“.
Според медиумот, кај 45-годишниот Грос, кој во јавноста беше забележан како тешко се движи и не ја употребува едната рака, по негово барање за анализа, во косата бил откриен висок степен на тешки метали. За социјалдемократот Грос, кој беше премиер девет месеци во 2004 и во 2005 година, се претпоставува дека боледува од амиотрофична латерална склероза (АЛС), иако досега јавно никој од неговата близина не го потврди тоа.
При дијагностицирањето на неговата болест, тој самиот почнал да истражува која може да биде причината за заболувањето, тврди медиумот повикувајќи се на негови пријатели. Труењето со тешки метали, во организмот се покажува многу бавно, често и по неколку години, затоа Грос работел со хипотезата дека некој се обидел да го отруе во времето кога беше премиер и кога имал многу непријатели кои се занимавале со криминални дејности.
Според медиумот, докази за намерно труење на експремиерот не постојат, но од друга страна, мистериозно е што не се знаат причините за неговото заболување. Грос поднесе оставка од местото претседател на чешката влада во 2005 година, откако не успеа да го објасни потеклото на 40 илјади евра за стан во вредност од околу 150 илјади евра што го купил во 1999 година во Прага.
Излегоа информации дека купил акции чија вредност значително се зголемила, како и за нејаснотии околу кредит со кој неговата сопруга купила куќа. Истовремено беше критикуван и за незаконско основање на неколку полициски тимови додека бил министер за внатрешни работи.
Минатата година, Грос ја изненади јавноста кога во документарна емисија за чешките експремиери на државната телевизија ЧТ се довери дека го прифатил Исус Христос и јавно се извини дека не ја зборувал вистината додека бил на високи функции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


