| четврток, 6 декември 2018 |

Италијанска општина воведе „данок на сенка“

2012-12-14-digest-cartoon-3Еден трговец од Конељано, град со 35 илјади жители во северната италијанска област Венето, доби известување од Општината за „данок на сенка“.

Матијас Доимо има 31 година и од 2008 година е сопственик на продавница за прехранбени стоки. Монтирал вообичаена тенда против сонце која од сончевите зраци ги штити изложените производи во витрината. Тендата се простира и над тротоарот пред продавницата.

Според толкувањето од Општината, тоа претставува запоседнување општиснки простор, за што следува данок од 8,40 евра по квадратен метар. Тендата е со површина од четири квадратни метри и трговецот ќе треба да плати 33,60 евра.

Овој вид данок во Италија е уреден со закон во кој се формулирани две основни барања – заземање простор кој е во надлежност на општина или на друго државно правно лице, како и искористување економска корист од него.

Собирањето на овој данок е воведен од даничните власти во општините и провинциите кои се задолжени да изготват правилници во кои ќе бидат содржани условите не само за побарувањата, туку и за ослободувања од данокот.

Обично законот и соодветните локални правилници се применуваат кога сопствениците на трговските објекти изнесуваат пред нив маси и столови за консумација на отворено. Но, има и чудни ситуации. На пример, во Рим е неопходно предвремено да ѝ се плати на Општината такса за улична употреба на статив на кој е монтиран фотоапарат или видеокамера, независно дали се користат за аматерска или за професионална цел. Општинската полиција има право да ги казнува прекршителите, вклучувајќи ги и збунетите туристи, затоа што стативот неправилно зазема општествен простор.

Досега не беше познат случај на обврска за „данок на сенка“ во Италија. Тоа даде повод за саркастични коментари. Некои потсетија дека на времето диктаторот Бенито Мусолини, кој кога тргнал да ја заземе Абисинија (Етиопија и Еритреја), на Италијанците им го испратил следново соопштение: „Ќе ви дадам место под сонцето“. Сега сличен патриотски ангажман би требало да се парафразира со: „Ќе ви наметнам данок под сенката“.

Не е јасно дали при затемнување на Сонцето општините предвидуваат даночни ослободувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top