| четврток, 6 декември 2018 |

Копилотот се однесувал како масовен убиец во поход

lubic

Дваесет и осумгодишниот копилот во авионот на „Џерман вингс“, Андреас Лубиц, кој се верува дека намерно го урнал леталото во француските Алпи со 149 патници и членови на екипажот, при чинот се однесувал како масовен убиец.

– Неговото однесување упатува на начин на размислување на личност која се решава да изврши масовно убиство во, на пример, училиште или воена база, а потоа си го одзема животот – смета професорот Крег Џексон од Универзитетот „Бирмингам сити“.

Иако не е официјално потврдено дека станува збор за самоубиство на копилотот, голем број докази упатуваат на такво нешто. Во медиумите се појави информација дека во 2008 година Лубиц го прекинал пилотскиот тренинг поради стрес. Неговите надредени од „Џерман вингс“ потврдиле дека тој зел неколку месеци одмор, по што било потврдено дека е „100 отсто подготвен за летање“. Потоа ги минал сите медицински тестирања. Џексон тоа го оценува како „психолошка слабост“.

Професорот верува дека Лубиц се однесувал како масовен убиец кој тргнува во крвав поход затоа што веќе не може да се носи со проблемите.

– Тоа се случува кога неколку сериозни работи ќе тргнат на лошо. Тоа е многу комплексно однесување во завршна фаза кое води до точка кога личноста која во овој случај може да биде и пилот, ја преферира смртта пред животот. Тие луѓе тогаш стануваат целосно затворени и се впуштаат во еден вид социјален протест „самоубиство на работно место“, со што нивната смрт станува симбол на нивниот презир кон компанијата и работата – објаснува Џексон.

Џексон заклучува дека неговото ментално здравје можеби е во ред, но одредени аспекти на негавата личност пропратена со стресот низ кој можеби минувал можат да бидат катализатор на тој инцидент.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top