| четврток, 6 декември 2018 |

Потпишан Меморандум за спроведување програма за пристојна работа

dogovor

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Источна Европа, Антонио Грациози, како и претседателите на Сојузот на синдикатите на Македонија,  Унијата на независни и автономни синдикати на Македонија, Организацијата на работодавачи на Македонија и Бизнис конфедерацијата на Македонија денеска во Скопје потпишаа Меморандум за разбирање за спроведување на Националната програма за пристојна работа.

Со него тие се обврзуваат да работат на три приоритети, и тоа инклузивен раст проследен со отворање нови работни места и создавање одржливи претпријатија, потоа создавање ефективен социјален дијалог преку зајакнување на институционалните и технички капацитети на социјалните партнери, како и на формализирање на неформалната економија.

На овие приоритети, како што истакна министерот Спасов на денешното потпишување на Меморандумот, се работело и досега и преку повеќе планови, мерки и активности постигнати се мошне добри резултати.

Притоа посочи на донесувањето на Акцискиот план за вработување на младите од кој, како што рече, произлегле конкретни активности и мерки за креирање повеќе можности и шанси за нив, но и за реализирање стимулации за создавање нови работни места за оваа категорија.

Една од нив е реализацијата на мерката за вработување на млади во текот на изминатата година која, како што рече, која создала нови 7.542 вработувања за млади луѓе во приватниот сектор за само една година.

– Вработувањето на младите беше и ќе биде поставено како врвен приоритет во нашата работа. Во оваа насока и оваа година ќе обезбедиме преку активните мерки за вработување над 30 проценти од работните места кои ќе се создадат да бидат за младите, при што во секоја од мерките се планира зголемен опфат на лица особено во програмите за самовработување со грант средства, практиканство, субвенционирано вработување…, или поконкретно во новиот Оперативен план за 2015 година е планирано да се поддржат и вработат над 8.000 невработени лица. За таа цел обезбеден е буџет од близу 660 милиони денари – истакна Спасов.

Најави дека во иднина ќе се продолжи и на имплементација на други мерки и активности за намалување на невработеноста и отворање нови работни места.

– Веќе работиме на законски измени за воведување нови поголеми поволности за компаниите и невработените лица за ослободување од плаќање придонеси за неколку категории, односно за невработените до 35, за оние од 35 до 50 години кои се повеќе од 10 години без работа, за невработените над 50 и 58 години, за ранливите категории како приматели на социјална помош, родители на деца со пречка во развојот – посочи министерот за труд и социјална политика.

Додаде дека овие мерки ќе овозможат отворање на илјадници работни места, а невработеноста и понатаму ќе продолжи да се намалува.

Директорот на Меѓународната организација на трудот за Централна и Југоисточна Европа вели дека со активностите од оваа Програма не се почнува од почеток, туку дека таа почива врз она на тоа што е направено во минатото и на препораките и евалуацијата од претходната Програма за пристојна работа спроведувана до 2014 година.

Покрај очигледниот напредок, рече тој, има загрижувачки индикации за активностите на пазарот на труд, поради што, како што посочи, се наложува потребата за да се направи совпаѓање на она што се нуди и она што се бара на пазарот на труд.

Резидентниот координатор на ОН во Македонија Лујза Винтон смета дека справувањето со невработеноста е најголем предизвик за државата, за што, како што рече, е потребна целосна соработка меѓу граѓанскиот сектор, социјалните партнери и Владата кои треба да работат на намалување на овој проблем и особено да им помогнат на луѓето кои се соочуваат со пречки при вработувањето.

Претседателите на организациите на работодавачите и на синдикатите се согласни дека е постигнат напредок и во однос на намалување на невработеноста и во однос на формализирање на сивата економија, како и во однос на зајакнувањето на социјалниот дијалог, но сепак сметаат дека и натаму има простор за дополнителни активности и мерки кои ќе ја подобрат состојбата во овие сфери.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија, смета дека треба да се посвети внимание на намалување на невработеноста кај младите и на долгорочно невработените лица. Посочи дека средствата што Владата ги издвојува за активни политики за вработување на сите лица, вклучително и на младите се најдобро искористени средства и даваат добри резултати.

Според него, растот на економијата, а со тоа и создавањето на нови работни мета не е само обврска на Владата, туку и на целиот бизнис сектор поради што, како што рече, сите заедно во соработка треба да се насочат кон остварување на оваа цел.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија Живко Митрески програмата за пристојна работа ја гледа како можност за искоренување на сиромаштијата, намалување на нееднаквоста и создавање услови за еднаков развој и напредок.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерацијата на Македонија вели дека Програмата може да се толкува од различни страни на различни начини, но, како што рече, низ еден партнерски однос ќе треба да се дојде до решенија кои ќе бидат од корист и на работниците и на работодавачите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top