Србија е прва држава во Европа по стапката на смртност од канцер, а годишно оваа стапка се зголемува просечно за 2,5 отсто, што покажува дека проблемот со малигните тумори е многу сериозен во оваа земја, изјави онкологот Слободан Чикариќ, претседател на српското Здружение за борба против рак.
Тој истакна дека причина за сѐ поголемиот број на заболени и починати од малигни тумори е последица на борбардирањата на НАТО во кои биле употребени 15 тони осиромашен ураниум. Врз основа на извештајот од Регистарот за рак при Инситутот за јавно здравство „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ за движењето на малигните тумори во 2012 година, вкупниот број на новозаболени изнесувал 36.408, додека починати биле 21.269 лица.
Според извештајот, кај машката популација доминира ракот на бели дробови, додека кај жените најчеста причина за смртност е ракот на дојка.
Чикариќ истакнува дека сѐ уште нема податоци за 2014 година, но може да се очекува дека бројот на новозаболените е 40 илјади, имајќи го предвид годишниот раст на стапката на смртност.
Во февруари минатата година Светската здравствена организација изнесе податоци за движењето на малигните тумори во светот, според кои во 2014 година се очекуваат 14 милиони новозаболени во светот, а во 2034 година се очекуваат 24 милиони.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.