| четврток, 6 декември 2018 |

Редовната физичка активност – превенција од многу заболувања

возење

Статистичките податоци во Македонија покажуваат дека 60,5 отсто од мажите и 47,8 отсто од жените на возраст над 20 години имаат зголемена телесна тежина, а околу 20 отсто од возрасните во државава се со одреден степен на дебелина, што во голема мера се должи и на нередовната физичка активност или воопшто непрактикување физичка активност, соопшти Министерството за здравство.

Нередовната физичка активност, како и неправилната исхрана се фактори кои придонесуваат за зголемена телесна тежина и појава на дебелина меѓу популацијата во светски рамки, а недоволната физичка активност е тесно поврзана со бројни хронични болести.

Препораките за интензитетот на физичка активност, како што се наведува, се разликуваат во зависност од возрасната група на која припаѓа поединецот, претходното искуство во вежбање, како и нивото на физичка подготвеност. Препорачаната физичка активност за различни возрасни групи зависи и од моменталната здравствена и физичка состојба на поединецот, а кај некои лица (на пример, хронично болни) се препорачува и консултација со доктор во врска со физичката активност. Вообичаено се препорачува пешачење, шетање во природа, трчање, возење велосипед, движење по скали наместо со лифт, односно практикување активности кои се соодветни на здравствената и физичката состојба.
За младите луѓе на возраст од 5 – 18 години се препорачува физичка активност од 60 минути секој ден. За лица на возраст од 18 – 65 години се препорачува практикување умерена физичка активност, по 30 минути – 5 дена неделно, а ако станува збор за понапорна физичка активност да се практикува само 3 дена неделно по 20 минути. За лицата на возраст над 65 години се препорачува умерена физичка активност, како што е: шетање со брзо движење, градинарски работи, лов, игра со деца, шетање на миленичиња, домаќински работи, и сл.
Редовната физичка активност овозможува многубројни здравствени придобивки, односно ја подобрува работата на срцето и белите дробови, ја подобрува мускулната сила, спречува појава на остеопороза, го намалува нивото на холестерол во крвта, спречува повеќе здравствени состојби како: зголемен крвен притисок, дијабетeс, здебелување, срцеви коронарни заболувања, го зајакнува имунитетот, спречува појава на деформитети на телото, а воедно влијае на подобрување на расположението, спречува појава на депресија и го подобрува целокупниот квалитет на живеењето. Токму затоа, важно е редовно да практикувате физичка активност за да го заштитите и зачувате своето здравје.

Според податоците на СЗО, се смета дека 60 отсто од светската популација е недоволно физички активна, а овој тренд е присутен и во нашата држава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top