Во организација на Здружението на физиотерапевти на Република Македонија (ЗФРМ) денеска во Македонската академија на науките и уметностите ќе почне Првиот конгрес на физиотерапевтите на Македонија.
Конгресот треба да придонесе во информирањето и пренесувањето на новите светски достигнувања на физикалната терапија и рехабилитација, а воедно да го презентира напредокот на македонските физиотерапевти.
Во текот на четири дена, колку што ќе трае првиот конгрес на физиотерапевти, ќе бидат презентирани околу 40 предавања со кои ќе бидат обработени теми од областа на спортската, педијатриската, кардиоваскуларната, невролошката и посттрауматската рехабилитација.
Дел од програмата ќе бидат и предавања што ќе опфатат физиотерапевтски третман на ретки заболувања како што се синдром Ретт, Даунов синдром и АЛС амиотрофична латерална склероза.
Освен стручни предавања, на конгресот ќе се одржат и неколку работилници на кои ќе се обработат и презентираат најразлични нови мануелни техники кои се популарни во светската физиотерапија.
Досега учество имаат најавено 130 физиотерапевти од Македонија и од околните балкански држави Бугарија, Турција Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Босна Херцеговина но и од Италија, Швајцарија и Велика Британија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.