Амбасадорот на Саудиска Арабија во САД, Адел ал Џубеир, соопшти дека неговата земја почнала воздушни удари против побунетите Хути во Јемен, кои го истерале од резиденцијата јеменскиот претседател Андерабу Мансур Хадија.
Според неговите зборови, Хутите, за кои се верува дека имаат голема поддршка од Иран, „секогаш го избираат патот на насилство“, јави агенцијата „Асошиејтед прес“. Ал Џубеир ја објави воената акција на прес-конференција кои не се честа практика во неговата земја.
Амбасадорот рекол дека Саудиска Арабија ќе направи сѐ за да го заштити народот во Јемен и легитимната влада во Јемен. Египетските власти рано утрото сооштија дека се приклучиле на операцијата, а учество најавија и Мароко, Јордан, Судан и Пакистан. Во таа операција засега учествуваат пет заливски држави – Саудиска Арабија, Бахреин, ОАЕ, Кувајт и Катар.
Според информациите од американски официјални лица, Саудиска Арабија разместува тешко вооружување и воена опрема вклучувајќи артилерија во областа блиску до својата граница со Јемен.
Разместувањето на саудиското вооружување следува откако шиитската милиција на Хутите почнала да напредува кон југ откако во септември ја зазела престолнината на Јемен, за изминатиот викенд и централниот град Таиз, што се приближи кон новата база на претседателот Хадија, кој ја има поддршката на САД.
САД доцна синоќа соопштија дека блиско соработуваат со Саудиска Арабија и дека американскиот претседател Барак Обама одобрил давање логистичка помош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.