Емисијата „Во центар“ на Васко Ефтов повеќе нема да се емитува на Алсат М. Тоа го потврдија и Ефтов и уредникот на телевизијата, Мухамед Зекири.
Колку за информација, емисијата „Во Центар“ со автор на кој од хигиенски причини не сакам да му го споменам името повеќе нема да се емитува на Алсат М. Емисијата и до сега беше надворешен проект и не беше во продукција на Алсат М и никогаш не беше поддржана со уредувачката политика на ТВ Алсат – напиша Зекери.
Одговори и Ефтов. Тој на својот фејсбук профил објави дека ова е негова битка со Заев и Шекеринска и нивното сфаќање на демократијата во која нема место за нивните неистомисленици.
Како што ви најавив пред некое време, најдоцна за два месеци ќе ја дознаете вистината за тоа зошто во емисијата „Во Центар“ не третирам домашни теми. Денеска е тој ден. Среда, баш убав ден некои работи да се кажат. Бидејќи вие имате право да ја знаете вистината. Денес добив известување дека се прекинува емитувањето на емисијата „Во Центар“ на „Алсат М“ телевизија. Претпоставувате дека тоа го очекував, а да бидам искрен тоа и го посакував. Телевизијата се повикува на некој договор, кој формално правно не постои. И дава образложение дека во периодот од 25 февруари до вчера просечната гледаност на емисијата била 39 илјади, а не 40 илјади како што било предвидено во тој договор (кој формално правно не постои-бидејќи никаде не е заверен и евидентиран) и дека со вчерашната емисија биле навредени чувствата на албанскиот народ. Види богати, дали е баш така!? И дали се тоа вистинските прицини или станува збор за многу пари и многу политика!?
Во продолжение самите ќе дојдете до одговорот. На 18 април 2012 година „Продукција Ефтов“ и „Алсат М“ телевизија склучија договор (кој е заверен во документацијата на двата правни субјекти-што не е случај со овој договор на кој сега телевизијата се повикува). Во тој Договор од 18 април 2012 година се предвидува „Продукција Ефтов“ за емитување на десет емисии да и плати на телевизија „Алсат М“ 6750 евра во нето вредност. Или по 750 евра по емисија и десеттата емисија гратис. Така јас дојдов со емисијата „Во Центар“ на „Алсат М“. За пари. Втората опција беше телевизија „24 Вести“ која во тој момент беше единствено благо опозициона телевизија во медиумскиот простор. Се сеќавате дека многумина од вас ме прашуваа зошто не ја префрлив емисијата на „24 Вести“, туку на албанската „Алсат М“. Бидејки бараа многу пари. Или бруто 20 илјади евра за 50 емисии. Тоа беа многу пари за мене (бидејки „24 Вести“ тогаш имаше ниска цена на рекламниот простор) и затоа договорот не беше постигнат. За мене беше изненадување таквото однесување на менаџментот на „24 Вести“, бидејки со газдата Роби Телекабел сме пријатели и плус сме комшии (живееме во иста зграда-тој на трети, а јас на први спрат) што ќе рече дека сме биле баш во добри односи. Можеби одговорот можеме да го побараме во фактот дека (како што објавија поедини македонски медиуми) на тие четири средби, од септември до ноември минатата година, Зоран Заев барал од Никола Груевски аболирање на неколку негови пријатели, а меѓу нив беше споменато името на Роби Телекабел. Но, да се вратиме на „Алсат М“. Првата сезона ние ја завршуваме со просечна гледаност двојно поголема од денешната и со пик на гледаноста кој често одеше до сто илјади. За следната сезона 2012/2013, ние исто така договаравме емитување на емисијата „Во Центар“ на „Алсат М“ телевизија со плаќање од моја страна, но луѓето од телевизијата побараа тоа да го направиме во кеш. Бидејќи немам доказ за тоа, за таа работа не можам да коментирам – пишува Ефтов.
Потоа тој ја посочува 2013 година, годината кога на лидерската позиција на СДСМ дојде Зоран Заев. Ефтов напиша:
Доаѓаме до клучната 2013 година. На 3 јуни 2013 година Зоран Заев победи и стана Претседател на СДСМ. Веке на 13 јуни 2013 година еден од (тогаш) многу експонираните „соросови” играчи, Кирил Ефремовски, на својот профил на „Фејсбук“ напиша, цитирам: „Талибанецот” на Натка го избркале од „Алсат М“. Јас не знам што чекале до сега. Завршен цитат. Подоцна тоа младо момче ја уредуваше фан-страната на нашата позната новинарка, чија фотографија прегрната со дел од уредништвото на „Алсат М“ можевте да ја видите за време на студентските протести, Јавна тајна е дека таа позната новинарка е во блиски финансиски и секакви други односи со еден наш познат банкар, а близок (баш близок) роднина на тој наш познат банкар е еден од четирите првоосомничени во аферата Пуч. Не го сфатив серизоно тоа писување на Ефремовски, а очигледно требаше. Тоа лето 2013 година јас ги купив новите камери и го опремив моето ново монтажно студио (што ќе рече по пат на земање кредит влегов во голема инвестиција) и плус тоа со моја сопруга дознавме дека чекаме дете. За да имам „мирно море” за мојата емисија „Во Центар“, јас на „Алсат М“ им понудив, а тие прифатија, во 18 месечни рати да им исплатам 15 илјади евра во нето вредност, за емитуванје 50 емисии, во периодот од септември 2013 до декември 2014 година. Јас мислев дека е се во ред со продолжување на мојата емисија на „Алсат М“ телевизија, бидејќи тој предлог беше прифатен од нивна страна.
Некаде околу 20 август 2013 година бев на преговори за продолжување на годишниот договор за рекламирање во емисијата„Во Центар“ на една позната компанија (да не ѝ го споменувам тука името од разбирливи причини) која важи за многу блиска до „Алсат М“ телевизија. На таа средба шефицата на маркетингот на таа компанија, со која сме пријатели долги години, ме информираше дека немало да ми биде продолжена соработката со „Алсат М“ телевизија. Побарав средба со уредничкиот тим на „Алсат М“ и на таа средба ми беше кажана истата работа. На моето прашање зошто тоа не ми го кажаа во јуни, тие креваа со раменици. Телевизијата одби 15 илјади евра!? Во вакво време кога секој денар е важен тие одбија и одлична емисија и плус 15 илјади евра. Звучи по малку неверојатно. Зошто тоа го направија!? Веројатно некој платил повеќе за да нема моја емисија. Бидејки јас бев долгогодишен пријател со Веби Велија, татко на денешниот газда на „Алсат М“ телевизија (како компромисно решение) од негова страна ми беше понудено да имам емисија на „Алсат М“, ама да снимам само регионални емисии. Значи не беше проблем „Во Центар“ да оди на „Алсат М“ ама да нема домашни, односно македонски емисии. Тоа беше понижувачка понуда. Зошто ја прифатив? Ако прифатев понуда и се договорев со некоја провладина телевизија, ќе бев масакриран од вас како мои редовни гледачи. Плус тоа, бидејки Соња беше во трет месец на бременост, оценивме дека не се потребни дополнителни стресови и дека како така треба да ја истуркам таа сезона. Ако се сеќавате тогаш ми беа нарачувани оние пишувања по порталите дека со тоа што третирам само регионални теми и дека шетам по босанските брда и правам емисии за Тито, јас сум одработувал за Груевски. Односно, намерно сум правел само странски емсии за да не го критикувам и не го напаѓам Груевски. Сега го добивте одговорот зошто тоа било така. Мислев дека ќе помине тоа лудило. На 12 март се роди Елени, а само три дена после нејзиното раѓање јас заминав на снимање во Белград и Хрватска. По враќањето го замолив газдата на „Алсат М“ да ми дозволи во април и мај да снимам домашни емисии бидејќи не можев да ја оставам Соња да биде сама во Скопје со Елени додека јас снимам по Балканот. Се беше во ред до емисијата „Византиски Игри во опоизицијата“. Во таа емисија Драгиша Милетиќ кажува дека пред локалните избори 2013 година Зоран Заев му се јавувал и го контактирал дали би бил спремен со печат од неговата партија-Српска Радикална Странка ако се покаже за потребно и Заев како Стевчо Јакимовски да го кандидира за градоначалник на Струмица. Неколку дена после таа емисија ми стигна смс порака од директорката на „Алсат М“ телевизија, Бисера Јордановска. Цитирам: Размисли за меѓународни теми и домашниве веќе не.
Ги снимив уште емисиите за ХААРП-от и за Кристијан Голубовиќ и така заврши ланската сезона, крајно понижувачка од односот на естаблишментот на „Алсат М“, но со фантастични интервјуа. На пример интервјуто со Миломир Мариќ само на „Јутјуб“ е гледано повеќе од 200 илјади пати. Бидејќи имав веќе на масата две понуди да ја префрлам емисијата на друга телевизија преговорите со „Алсат М“ за оваа сезона одеа многу полесно. Мојот услов беше 50 отсто домашни и 50 отсто странски емисии и без никакви плаќања од моја страна. На еден вечерен состанок (бидејќи тоа беше во периодот на рамазанските пости) со газдата на „Алсат М“, Ферик Велија ние се договоривме и тие ги прифатија моите услови. Во оваа сезона ние го имавме интервјуто со Билјана Ванковска и немаше никакви проблеми од страна на „Алсат М“. Што ќе рече го почитуваа тој договор 50 отсто домашни и 50 отсто странски емиси. И тоа трае се до почетокот на аферите со бомбите. Но, на 16 февруари (тоа е понеделник) или еден ден пред емитувањето на мојата емисија, добив повторно порака од директорката Бисера Јордановска, цитирам : Васко, нема шанси да ја пуштам емисијата-се договоривме дека нема домашни теми и нема отстапки. Тоа беше емисијата со моите пријатели Ким Мехмети и Златко Кесковски за бомбите која само на „Јутјуб“ беше гледана повеке од 62 илјади пати. Имавме состанок со дел од менаџментот на телевизијата каде тие го понудија тој договор во кој се инсистираше во емисијата „Во Центар“ да нема емисии од домашната дневно-политичка сцена. Прифатија да биде емитувана уште емисијата со Фрчкоски и со Цуцуловски која на „Јутјуб“ стигна до гледност од 54 илјади пати. Ми беше јасно дека по секоја цена ќе направат се да биде прекината емисијата. Но, тоа не смеев да го направам јас.
На крај тој ја објаснува инволвраноста на Заев и неговата потпретседателка Радмила Шекеринска во одлулата „Во Центар“ повеќе да не се емитува на Алсат М. Вели – ме прашувате што имам против Рада и Заев – ништо лично, само се бранев себе си. Смета дека, како и секоја битка, ќе ја добие и оваа. Тој завршува:
Потребно беше да го направат тие. Да види и слушне јавноста за што станува збор. Кога вече во мојата емисија не можев да ги презентирам моите ставови за дневно политички теми и анализи, јас ги прифатив поканите да гостувам на други телевизии. Ако можев да снимам мои емисии за бомбите и содржината на бомбите, јас никогаш немаше да прифатам гостувања на други телевиизии, како што тоа впрочем го правев во текот на целата моја кариера. Односно го почитував мојот принципиелен став-се што имам да кажам, да кажам во мојата емисија. И тогаш почнаа плукањата нарачани од страна на сегашната опозиција и од страна на дел од вработените во „Алсат М“. Дури беше пишувано и беше плукано по „Телма“ зошто ме поканила во дебатна емисија. А, колешката Лупевска е сведок дека четири пати ја одбив да гостувам во таа емисија бидејќи знаев какво е сценариото на Заев и Шекеринска: Да работат на забранување на мојата емиисија. И тоа го правеа од кога дојдоа на чело на СДСМ. И да ги нарачуваат сите оние гнасни плукања и навредувања по опозициските портали. Сега за сите кои ме прашувавте што имам против Заев и Рада!? Ништо лично, само се бранев себеси, моето семејство и мојата емисија. Сите кои го гледаа срамното интервју на Заев на „Алсат М“, во кое се переше за глупостите кажани во интервјуто на „24 Вести“ каде ги призна пишаните пораки кои си ги имале со Верушевски, сега им е јасно. Нема потреба од повеќе објаснување. Оваа е валкана војна. Јас сите мои битки сум ги добил, ќе ја добијам и ова. Ова не е моја битка со опозицијата. Ова е моја битка со Заев и Шекеринска и нивното сфаќање на демократијата во која нема место за нивните неистомисленици. Да сте живи и здрави и да се дружиме уште сто години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст