| четврток, 6 декември 2018 |

Собранието го донесе Законот за издавање ваучери за таблети

Собранието на Република Македонија попладнево со 63 гласа „за“, без воздржани и против, го донесе Законот за издавање вредносни бонови-ваучери.

Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски образложи дека  со Законот се предлага ваучери во износ од по 8.000 денари за обезбедување таблет компјутери со надворешна тастатура да се дадат на редовни студенти кои првпат се запишани во трета и четврта година, а се од семејства со месечни приходи до 32.741 денари бруто приход,  како и на студенти евидентирани како лица со посебни потреби запишани во која било година на студии.

За спроведување на Законот се потребни 96.000.000 денари обезбедени од Буџетот на Министерството за информатичко општество и администрација.

Редовниот студент својот статус дека е од семејство во кое вкупните месечни приходи не надминуваат 32.741 денари бруто приход ќе треба да го докаже со уверение од Управата за јавни приходи за остварени приходи по разни основи за 2014 година за двајцата родители или старатели на студентот поединечно и за самиот студент. Уверението се доставува до студентската служба на матичниот факултет. Студентот кој живее со еден родител или без родители тоа  го докажува со фотокопија од акт за престанок на бракот или извод од матична книга на умрените, а студентите кои засновале брак и оформиле семејство со фотокопија од извод од матичната книга на венчани.  За проверка на документите потребни за стекнување со вредносен бон-ваучер, Министерството за образование и наука формира меѓуресорска комисија. По прибирање и проверка на документите МОН изготвува листа на студенти кои можат да користат вредносен бон-ваучер и треба да ја достави до Министерството за информатичко општество и администрација најдоцна до 1 јуни годинава.

Ваучерите се со еднократна употреба, како учество за купување таблет компјутер од фирми регистрирани за дејности поврзани со трговија, одржување и поправка на компјутери. Фирмите можат да ги достават ваучерите за наплата до Министерството за информатичко општество и администрација најдоцна до 5 јули годинава. Половина од износот на парите за искористените ваучери МИОА треба да ги исплати најдоцна до крајот на годинава, а останатата половина до 31 јануари следната година, се наведува во Предлог законот.

Во рамки на проектот „Македонија – земја на информатичари“ во 2007, 2008 и 2012 година беше спроведена Програма за доделување на вредносни бонови – ваучери за купување компјутери. Во трите години беа искористени 28.319 ваучери за купување компјутери и таблети за што беа потрошени 398.267.000 денари.

Пратениците од владејачкото мнозинство го поздравија донесувањето на Законот, бидејќи со него ќе им се помогне на студентите и на информатичките фирми.

Пратеничката Солза Грчева рече дека се радува на секое унапредување на стандардот на студентите, но со забелешка за Законот бидејќи со него се предвидува доделување ваучери само за студентите од трета и четврта година. – Некои од студентите кога ќе ги добијат ваучери веќе ќе бидат дипломирани и со тоа се промашува целната група, рече Грчева. Според неа, најдобро е ваучерите да им се доделат на студентите од втора година.

Реплицирајќи и на Грчева, министерот Ивановски рече дека целна категорија се оние студенти кои се во завршна година за да можат по дипломирањето веднаш да работат од дома преку интернет. – Денеска е многу популарно да се работи од дома преку интернет за што е потребен компјутер или таблет  и токму тоа е една од причините зошто се одлучивме за студенти од трета и четвра година за да им овозможиме да работат, а со тоа ќе се раздвижи економијата, рече Ивановски.

Според министерот, во Македонија во просек по факултети бројот на оние студенти што се запишале и на оние што дипломирале е од 60 до 70 отсто, па поради тоа не им се доделуваат ваучери на студенти од прва или втора, затоа што некои од нив нема да дипломираат.

Ивановски информира дека во напредна фаза е подготовката за печатење на ваучерите и оти најверојатно до втората недела од април ќе може да се користат за купување таблети.

Пратениците во моментов расправаат по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување по скратена постапка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top