| четврток, 6 декември 2018 |

Со новата мерка ќе бидат опфатени десетици илјади невработени

вработени

Во наредните неколку дена Владата ќе ги усвои законски решенија за новите мерки, кои имаат за цел вработување на една широка категорија на граѓани и намалување на невработеноста.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев информира дека до крајот на април или почетокот на март ќе се реализираат вработувањата по основ на сетот – мерки кои ги најави премиерот Груевски, за намалување на невработеноста.

-Работни групи од економските министерства интензивно работат на преточување на овие мерки во закон, се очекува во наредните десет дена, Владата да го усвои законот, кој подоцна ќе оди на гласање во собрание. Се очекува на до крајот на април и почетокот на мај, да почнат првите вработувања по основа на овие мерки – изјави Александар Ѓорѓиев, портпарол на Владата.

Работодавачите кои ќе вработат млади лица до 35 години ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од три години. За работодавачите, пак кои ќе вработат лица на возраст од 35 до 50 години, а кои биле 10 години без работа, ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси пет години со обврска уште една година да го задржат работникот се дел од мерките за кои информираше премиерот на Народниот собир во Битола.

– Оние, пак, кои ќе вработат лица над 50 години ќе бидат ослободени од персонален данок и социјални придонеси пет години без обврска после тоа да ги задржат вработените. Оваа мерка ќе се однесува и за оние кои ќе вработат лица над 58 години. Тие фирми ќе бидат ослободени од персонален данок и придонеси, односно до пензионирањето на тој работник. Оние работодавачи, пак, кои ќе вработат лица од ранливите категории како што се самохраните родители, лицата од еднородителските семејства, оние со три или повеќе деца, ќе бидат ослободени од плаќање на персонален данок и придонеси во рок од пет години без обврска да ги задржат вработените – изјави Никола Груевски.

Последната група која ќе биде опфатена со овие мерки се ранливата категорија на граѓани – самохрани родители и еднородителски семејства, семејства со три или повеќе деца, приматели на социјална помош, професионални војници кои веќе не работат, деца без родители и родителска грижа, лица со инвалидитет и родители на деца со посебни потреби. За оваа категорија на граѓани, појасни Груевски, се предвидува ослободување од плаќање придонеси во период од 5 години, без никаква обврска за работодавачот потоа.

По објавувањето на новите мерки, позитивни реакции стигнаа од бизнисмените, работодавачите и компаниите. Тие, мерките ги оценија како корисни и позитивни кои од една страна ќе придонесат за драстично намалување на невработеноста, а од друга страна ќе значат олеснување на давачките за компаниите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top