| четврток, 6 декември 2018 |

Проектот Телемедицина овозможи побрза дијагноза во болниците

телемедицина

Во рамки на проектот Телемедицина, имплементиран кон средината на минатата година, докторите од болниците низ државата разменуваат знаење и искуства со нивните колеги од универзитетските клиники, со помош на аудио и видео врски. Во изминатиот период се реализирани 1.055 телемедицински консултации, соопшти Министерството за здравство.

Со проектот се опфатени повеќе јавни здравствени установи од секундарно ниво на здравствена заштита, меѓу кои се клиничките болници во Битола, Тетово и Штип, и општите болници во Велес и Струмица.

Меѓу установите со најголем број воспоставени телемедицински врски со доктори од универзитетските клиники се Клиничката болница во Битола – 448 телемедицински консултации и Клиничката болница во Тетово со 348 консултации.

Комуникацијата меѓу докторите од болниците и нивните колеги од клиниките се воспоставува согласно најсовремените можности на комуникациската технологија, а во зависност од случаите, може да се одвива во или без присуство на пациентот. Целта е докторите од болниците за покомплексните и поспецифичните случаи да се консултираат со докторите од клиниките, без притоа да го упатуваат пациентот до друга здравствена установа.

Докторите од општите и клиничките болници се консултираат со своите колеги од универзитетските клиники во врска со воспоставување брза дијагноза кај одредени пациенти, околу промена на третманот на пациентот доколку нема подобрување на здравствената состојба или околу препорака за извршување хируршка интервенција.

Имплементацијата на овој проект овозможи поефикасна соработка, унапредување на квалитетот на грижата и третманот на пациентите, а воедно се намали и непотребното упатување на пациентите за одредена здравствена услуга до Скопје, што значи и заштеда на финансиски средства и време, стои во соопштението од Министерството за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top