Првата пресуда за случајот „Пуч“ го урна сценариото за Зоран Зоран и обвинувањата дека зад прислушувањето стојат премиерот Никола Груевски и директорот на ДБК Сашо Мијалков, пишува порталот „Курир“.
Признанието на еден од осомничените во овој случај јасно потврдува кој нарачувал да се прислушува. Осудениот признава дека неовластено прислушувал по наредба на Зоран Верушевски, која пак имал договори за сето ова со лидерот на СДСМ. Потврдата дека прислушувањето се вршело во соработка со странски центри и агентурни мрежи инсталирани во Македонија го срушија сценариото кое во јавноста се обиде да го наметне Заев.
Еден од осомничените покрај деталното објаснување за тоа како се вршело незаконското дејство со кое е планиран удар на Македонија, признал дека во замена за добро завршената работа наредена од Заев и Верушевски бил богато парично наградуван.
Заев потона во своите лаги и по ваквата пресуда е јасно дека ниту Груевски, нити Мијалков не стојат за прислушувањето. Дотолку повеќе што, по објавените креирани материјали со братот на Мијалков, Влатко паднаа маските на лидерот на СДСМ, бидејќи е илузорно првиот човек на ДБК да нарача прислушување на сопствениот брат.
И премиерот во саботата истакна дека е апсурдно СДСМ да убедува дека прислушувањето било нарачано од него и Мијалков.
-Изминативе 6 недели слушаме разни креирани и очигледно сецкани и конструирани разговори само од нас, и од нашите најблиски соработници. Еве последно дознавме дека јас сум нарачал, а Сашо спровел, да се прислушува и Владимир Мијалков, братот на Сашо. Ете и од него нешто пуштиле некни. Ај што е тоа ноторна глупост, туку и фактот дека Сашо сам си нарачал прислушување за себе си и за мене и за сите наши соработници, говори за тоа какви лаги и манипулации говорат без око да им трепне, потенцираше Груевски.
Признанието на еден од осомничените ја откри глумата на Заев, а веќе е јасно дека за реализација на сценариото подготвено од центри од надвор се покрижиле токму Заев и Верушевски, со цел дестабилизација на Македонија и насилно доаѓање на власт спротивно на искажаната волја на граѓаните.
Според експертите, првата пресуда за „Пуч“ е несоборлив доказ во однос на останатите учесници во оваа афера, а ќе влијае на цела постапка, смета поранешниот јавен обвинител Ставре Џиков.
-Таквата пресуда е несоборлив доказ како пресуда во однос на останатите учесници во оваа афера ПУЧ така да ќе влијае на целата постапка и на она што ќе се утврдува во обвинителската и претходната постапка. Прислушувањето не е нарачано од државата, туку тоа е од мала група па се поврзале со странци, вели Ставре Џиков – поранешен јавен обвинител.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.