Тендер за набавка на 1.769 резервни делови за сите јавни здравствени установи за 220 медицински апарати кои во најголем дел најмногу се користат и се значајни за прецизна дијагностика (за компјутерска томографија, магнетна резонанца, ангиографи, акцелератори, ЕЕГ, ЕКГ апарати, апарати за анестезија итн.), распиша Министерството за здравство. Вредноста на набавката е над 3,6 милиони евра.
Набавката ќе се спроведува поради слабостите кои се детектирани, а се поврзани со промената на резервните делови на апаратите. Целта е времето за поправка на расипаниот апарат или замена на делот кој е во дефект наместо повеќе од 60 дена, да трае не повеќе од 15 дена, да нема прекин во прекини во работењето и да се постигне намалување на финансиското оптоварување на јавните здравствени установи.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција појасни дека дефектот на деловите од опремата претставува еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат јавните здравствени установи, а времето за нивна поправка е релативно долго имајќи предвид дека секоја ЈЗУ треба да распише тендер за да го набави делот, кој е во дефект.
Тендерите, посочи министерот, понекогаш одземаат повеќе од два месеца период во кој се оневозможува давањето на конкретната здравствена услуга односно се создаваат листи на чекање, не може да се врши дијагностика која се врши со тие апарати и пациентите се препраќаат од една во друга здравствена установа. Појасни дека нередовното сервисирање и нередовната замена на потрошните делови влијае на точноста и прецизноста на дијагностиката, а со тоа директно се влијае и на квалитетот на комплетната здравствена услуга.
– Во тендерот е предвидено економскиот оператор со кој ќе биде склучен договор има обрвска да го испорача и замени делот односно да го стави апаратот во функција во период не подолг од 15 дена. Рокот е вака поставен со цел економскиот оператор да има време да го набави делот, да го донесе во Македонија, а потоа и да го монтира имајќи предвид дека некои од деловите се скапи и не може да бидат чувани на лагер листа во Македонија – рече Тодоров.
Идејата, потенцира, е да не доаѓа до прекини во работењето и да има предвидливост на процесот што значи дека доколку има резервни делови чиј век на траење е ограничен и е познат, тогаш директорот на јавната здравствена установа треба да внимава и пред расипување на тој дел, да алармира до Секторот за опрема при Министерството за здравство, кој ќе побара од економскиот оператор со кој ќе склучиме договор да се нарача и по пристигнувањето да се монтира и да се стави апаратот во функција.
Тодоров очекува дека на овој начин ќе се постигне и ефект на намалување на финансиското оптоварување на ЈЗУ, имајќи предвид дека замената на резервните делови и работната рака ќе биде обезбедено од Министерството преку склучување на договор со економски оператор.
– Со овој концепт сакаме наместо повеќе од 60 дена времето за поправање на расипаниот апарат или замена на расипаниот дел да трае не повеќе од 15 дена, да се намали цената на работната рака односно предвидено е таа да биде вклучена во испораката на резервниот дел, доколку има потреба од поправка на некој апарат, а нема потреба од промена на дел, работната рака да биде бесплатна односно да биде вклучена како дел од набавката и да се намали цената на резервните делови имајќи предвид дека набавуваме централно за сите ЈЗУ. Очекуваме да се намали цената на резервниот дел, а со тоа да се намали цената на работната рака која ја плаќаат ЈЗУ – рече Тодоров.
Нагласи дека Министерството за здравство води прецизна евиденција на опремата во сите јавни здравствени установи во државата.
– Евиденцијата се води во посебен регистар за медицинска опрема воведен согласно новиот Закон за здравствена заштита, кој ќе биде ставен во функција кон крајот на месецов и во кој досега се евидентирани 6.109 апарати од 91 јавна здравствени установи произведени во различни периоди во просек 2001 година – додаде Тодоров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Лекарите го исклучија од апарати спротивно на желбата на родителите, но детето е уште живо
-
Кампањата „Подарено срце“ донесе медицинска опрема за поефикасно лекување на деца со респираторни проблеми
-
Жените избраа: Ова се петте најпожелни делови на машкото тело
-
Трамп: Некои делови од светот отидоа по ѓаволите