| четврток, 6 декември 2018 |

27 март 1992 година – последниот војник на ЈНА замина од Македонија

naslovna-Color

27 март 1992 – Република Македонија ја презеде контролата над сета своја територија со своја војска. За ова е потпишан договор во Скопје меѓу претседателот на РМ Киро Глигоров и генералот на ЈНА Никола Узелац. Со тој чин, всушност, од Република Македонија замина и последниот војник на ЈНА – стои на сајтот на АРМ.

На денешен ден, пред точно дваесет и три години моќната војска на ЈНА целосно ја напушти земјава, главно оставајќи празни ѕидови од касарните. Во една прилика Митре Арсовски изјави дека се носело буквално сѐ што можело да се однесе.

Арсовскиво тоа време бил началник на штабот на Третата воена област на ЈНА, а потоа стана прв началник на Генералштабот на Армијата на Република Македонија. За излегувањето на ЈНА од Македонија зборувал многупати, а напишал и книга со многу детали, во која ги внел фактите и случувањата, но и тензијата и неизвесностите што ги чувствувал во тие пресудни моменти. Објавеното дело, како што вели, никој досега не го демантирал.

– Периодот на распаѓањето на армијата во нишките на Југославија беше долг, тежок и болен, зашто беше тешко да се урне една таква вооружена сила, гигант на Балканот и во Европа. Нормално дека ми беше тешко нејзиното распаѓање, зашто бев емотивно врзан за неа, но само до оној момент кога таа почна да се претвора во еднонационална и кога се преобрази во сопствената негација. Во оваа армија јас работев цели 35 години од својот живот, почнувајќи од 1957 година, па сѐ до нејзиното заминување од Македонија, односно до врачувањето на мојот указ со кој бев разрешен од дотогашната должност. И покрај тоа, бев горд што на пепелта на бившата армија се роди една нова македонска армија – објаснува генералот Арсовски во разговор за Нова Македонија пред неколку години.

Во својата книга генералот го документира периодот на распадот на ЈНА и нејзино комплетно заминување од Македонија во периодот од 1 јануари 1991 година, па сѐ до 27 март 1992 година, кога таа беше заменета со единиците на нашата територијална одбрана.

– Времето за кое зборуваме, за среќа, беше кратко, но полно со историски настани, важни за нашата држава. Среќен сум што јас барем малку придонесов за осамостојувањето на Република Македонија и за нејзиното воено осамостојување, бидејќи ЈНА, кога се повлекуваше пред дваесет години, ја стави државата на испит. По обилниот дожд што истури ноќта, утрото беше ведро и полно со сончевина. Токму овој ден вторник е создаден за голем настан, на 10 март 1992 година македонските војници првпат во историјата ги презедоа меѓниците кон Бугарија од ЈНА на караулата „Рамна нива“, каде што тој ден пред дваесет години се развиори македонското знаме – се присетува генералот.

Тој ден, продолжува Арсовски, телевизиските и фотоснимките го заобиколија светот, можеби на неупатените тоа им изгледало како една едноставна рутинска армиска работа, но тој уверува дека преземањето на државната граница била сложена и пред сѐ одговорна задача од каде што почна примопредавањето на воените објекти и мирното раздружување од тогашната ЈНА, но и создавањето сопствена држава и војска.

Арсовски тврди дека, иако формално постоел договор потпишан помеѓу македонскиот претседател Киро Глигоров и генералот Благоја Аџиќ, претставникот на ЈНА за мирно повлекување од Македонија, тој не бил докрај испочитуван. Договорот предвидувал мирно и без никаков инцидент да се повлече целото југословенско оружје, но караулите на границите на државата да останат недопрени за да се зачува безбедноста на Македонија.

– По моите обиколки на караулите по должината на границите на државата, заклучив дека нивната состојба е катастрофална. Сѐ што можеше да се однесе беше извадено. Примопредавањето се вршеше без документација, караулите се предаваа со неисправна техника, недостигаа телевизиски и радиоприемници. ЈНА предаваше средства за бојна потреба, кои одговараа само за педесетина војници, иако на караулите имаше и повеќе граничари. Немаше ниту кревети, постелнина и храна. Недостигаа дури и кучињата и коњите што граничарите ги користеа во своите обиколки на граничната линија – истакнува генералот во разговорот од пред неколку години.

Генералот Арсовски вели дека од Македонија се однеле оружје и опрема со огромна вредност. 
– Некаде од 12 до 16 милијарди долари вредеше сѐ што се изнесе. Тоа се многу пари, ако се пресметува. Ако се земе колку оружје, муниција и храна беа складирани, колку тенкови, топови и авиони беа однесени. Сето тоа се пари. А Македонија, ако паметите, на времето даваше седум отсто во изградбата на таа ЈНА. Тие седум отсто, според бројот на оружјето и опремата, значеа дека сета таа опрема и оружје што се однесе требаше тука да остане – категоричен е Арсовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top