| четврток, 6 декември 2018 |

Денот кога замина Јуриј Гагарин

146084main_yurig_516

Јуриј Алексејевич Гагарин, првиот човек во вселената, е роден на 9 март 1934 во Гжатска. На 20-годишна возраст почнува да зема часови по авијатика, а потоа станува и пилот-ловец на Северната флота, од каде што ќе помине во космонаути. Приказната за Гагарин дека бил фантастичен пилот, која ќе ја најдеме во сите негови биографии, не е точна, зашто во тоа време за космонаути ги селектирале добрите, но не и врвни пилоти. Тој факт неодамна ќе го потврди и неговиот прв инструктор по летање, кој го опишува Гагарин како пилот што имал проблеми во својата воздухопловна кариера. Гагарин не се издвојувал во ништо од другите први 20 космонаути, дури и бил најпросечниот од нив. Воспитуван во строга комунистичка дисциплина, за Гагарин не било проблем да остане по две недели во целосна изолација. Конечно, кога требало да се одлучи кој од космонаутите да се испрати во вселената, изборот се стеснил на двајца, на Гагарин и Герман Титов, кој според многумина бил многу повешт од Гагарин. Одлуката паѓа на Јуриј Гагарин бидејќи Титов имал име што на Хрушчов не му се допаѓало.
„Што е ова, да не е овој Германец?”, прашал изненадено Хрушчов кога му биле предложени двајцата космонаути.

Гагарин со семејството

Гагарин со семејството

Лет во вселената

Јуриј е првиот човек што летнал во вселената, на 12 април 1961 во „Васток“, а кога се вратил на Земјата 108 минути подоцна, веднаш е унапреден во мајор. Дочекан со аплаузи од целиот свет, на 30-годишна возраст добива чин полковник. Од денот кога станува космонаут, Гагарин никогаш повеќе не лета како пилот на воени авиони, што многу го фрустрирало, а крајот на 1968 дипломира на Воздухопловната академија. Истата година, во март, следуваат пробите на авионот Миг 15, по кои би требало да изведе прв самостоен лет на авионот Миг 17. Токму тогаш, за време на последниот тренинг, на 27 март 1968, под сè уште неразјаснети околности доаѓа до несреќа, во која Гагарин умира. Смртта на првиот космонаут до денес останува мистерија.

494d02d96d19d907754f212bbe5a3ac1_gallery_lw

29 тома извештај за несреќата

Тие последни денови на март како Гагарин нешто да претчувствувал. Неговата сопруга Валентина, која во тоа време била во болница, рекла дека одненадеж Гагарин викнал фотографи дома и ги замолил да му направат серија фотографии. И навистина, списанието „Агањок“ ги објавува последните фотографии на Јуриј Гагарин во семејна атмосфера, со сопругата и двете ќерки. Утрото на 27 март на аеродромот пристигнува наместо со автомобил, со автобус, што било многу необично.

Миг 15 со број 625 полетал во 10 часот и 19 минути. Неколку минути врши наједноставни маневри, а во 10.25, Гагарин се најавува дека е подготвен за главната задача. Само пет минути подоцна, на изненадување на контролорот на летот, Гагарин јавува дека задачата е извршена и бара дозвола да го сврти авионот по курс од 320 степени и да се врати на аеродромот. Според планот за извршување на задачата биле потребни 20, а не 5 минути. Но знаејќи дека зад Гагарин седи Серјогин, командантот на воздухопловната екипа, и кој без консултации единствен можел да го менува планот на летање, раководителот на летот, инаку потполковник по чин, не сакал да се буни. Зошто тренинг-летот е скратен за 15 минути е уште една енигма. Во 10.30 часот врската со авионот е загубена. За тоа време, контролорите и понатаму го следат авионот, кој сосема исчезнува од радарскиот екран во 10.43. Авионот е најден паднат во шума со брзина од 700 до 800 километри на час. Крилата, трупот, резервоарите и кабината биле распарчени на ситни делови, расфрлани во појас од 200 метри. Екипата наоѓа делови од распарченото тело на Серјогин, но не и на Гагарин. Дури утрото по целовечерна претрага објавено е дека Серјогин загинал, и дека смртта на Гагарин е исто така многу веројатна. Кога следното утро вторпат детално се преиспитува местото на несреќата, на едно дрво најдена е една ткаенина за која се тврди дека е дел од јакната на Гагарин во чиј џеб е пронајден неоштетен купон за појадок што му припаѓал на Гагарин. Но космонаутот Леонов, кој исто така учествувал во претрагата, вели нешто друго. Според него, сите делови од тело што се најдени се сместени во два сада и тешко било да се разјасни кому припаѓаат и дали се тоа делови само од телото на Серјогин, или и на Гагарин. Леонов забележал дел од скалп со парче уво на него, на кое имало бемка, и од тој миг дефинитивно знаел дека Гагарин е мртов, зашто неколку дена пред несреќата заедно биле на бербер и Гагарин го опоменувал берберот да внимава на бемката зад увото.

Вечерта, во присуство на членовите на семејствата и сите космонаути и високи офицери, остатоците од телата на Гагарин и Серјогин се кремирани. Над 100 илјади луѓе следниот ден ја следат поворката што ги носи урните со пепел на двата пилота.

Извештајот за смртта на Гагарин и Серјогин е завршен во 1968. Содржи 30.000 страници, односно 29 тома. Во него причината за катастрофата останува неразјаснета.

Верзијата дека Гагарин бил пијан е лансирана од негови блиски луѓе. Било познато дека Јуриј знаел добро да се напие, но очевидците тврдат дека ни Гагарин ни Серјогин не биле пијани при летот, а и медицинските контроли што се вршеле пред летањето го потврдуваат тоа. Најпосле, во крвта на двајцата пилоти не се најдени траги од алкохол.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top