Андријана Андреева е дизајнерка на рачно изработен накит, кој не е многу вообичаен, па затоа и за многумина тоа е еден малку поинаков накит. Секое парче што го изработува предизвикува интересирање кај љубителите на рачно изработени дела. Секое парче што го создала има своја, лична приказна, секое делче потсетува на нешто, без разлика дали е тоа обетка, ѓердан, венче за в коса, прстен или брош…Ниту едно парче што го создале нејзините вешти раце нема да ве остави рамнодушни.

– Прво почнав да работам филигран пред три-четири години. Плетењето сребро го изучив во Домот на занаетчии, каде што се одржуваат курсевите за филигран. Сега рачно изработувам накит и користам само неопходен алат за да ги изработам овие парчиња – ја почнува својата приказна Андреева.
Таа откога знае за себе обожава да игра. Така, и изработката на ваков накит за неа е игра, исто како детска игра во која прстите си играат, се испреплетуваат едни со други. Ужива да гледа како десната рака ѝ помага на левата да направат нешто ново, некој нов прстен или обетка, можеби и брош од старо копче ,кое пред дваесетина година служело да се закопча еден елегантен машки капут што го носел некој во потесното семејство…

– Кога создавам нешто со рацете, целосно се вложувам во тоа. За мене сѐ е игра. Секое парче што го гледате има своја приказна. Обично работам повеќе работи истовремено. Прво почнувам да работам некое ново парче, па ќе ми текне друга идеја, па ќе почнам да работам нешто ново. За мене ова е игра, уживање. Ако работите сериозна работа, таа повлекува стравови, несигурност, ти го одвлекува вниманието. Вака, кога им дозволувам на прстите да си играат, енергијата тече меѓу нив, а јас сум среќна дека создавам нешто – вели Андреева, која изложуваше накит на базарот во Младинскиот културен центар (МКЦ) по повод еден малку поинаков 8 Март.

Таа вообичаено работи со чисто сребро, а накитот го украсува уште и со скапоцени и со полускапоцени камења како аметист, розов кварц, тигрово око. Работи и со дрво, со рециклиран материјал, со стари работи, кои отсекогаш ги собирала – разни каменчиња, копчиња…
– Кога работиш рачна работа, ја гледаш светлината. Мислите ти одат на убави места, кон убави луѓе. Ретки се миговите кога скршнуваш кон темнината. Едноставно, природата на работата не ти го дозволува тоа. Се прочистуваш – вели Андријана.
Освен што изработува накит, таа и слика, шие, прави колачиња….
– Го работам сето тоа што ме исполнува – вели насмеаната Андреева, која своите производи ги продава на интернет.
Александра Мазнева – Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


