| четврток, 6 декември 2018 |

Осврт

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Ниедна влада во досегашната историја на македонската држава, а и пред тоа, кога Македонија беше само колонија во составот на други држави, не направила толку многу за оваа култура, како современава влада. И тоа е фасцинантно, дури и над било кои очекувања што сум ги имал и во своите најсмели мечтаења. Оваа, без сомнение, владејачка гарнитура со висок степен на творечки патриотизам, патриотизам, кој не се базира врз празна реторика, туку на создадени дела и реализирани проекти од многу вискок степен на ангажираност, треба да се охрабри да продолжи со овој тренд на остварување и реализација и со сите сили, кои се во рамките на конструктивната етика и правичниот морал да се брани од сите оние деструктивни структури во општеството, кои политичката борба ја гледаат како непринципиелна критика, оцрнување и негирање на сите оние големи постигнувања, кои македонското општество, а пред сè, неговата култура ја влечат напред со брзина, невидена во сите досегашни творечки периоди на ова тло.

Сепак, секогаш има место за нови сугестии, визии и препораки, кои би го подобриле и усовршиле овој скок од седум милји во правецот на создавањето на една потентна и сосема конкурентна културна и уметничка сцена на европско и на светско ниво.

Поради занемарувањето на културата и уметноста од страната на поранешните македонски владејачки гарнитури, и во едноумието, и во независната и суверена македонска држава, многу битни културни институции се реализираа дури во овој последен период од македонската историја. Но никогаш не е доцна – како што велат мудрите. Најбитно е да има добра волја и ентузијазам, а идеите не недостасуваат.

За македонската култура да излезе од инерцијата на популизмот, кој ја има опфатено уште од бившиот социјалистички систем, треба да се спроведе една длабинска анализа на состојбите во културата и уметноста и да се види каде нештата се исправни и на добар пат, но и каде се јавуваат неправилности, дисбаланси и одредени погрешни одлуки и промашувања и истите да се посочат, а, воедно, и да се побараат поправилни и поефикасни решенија.

Зошто во овој голем ентузијазам, но и дарежливост од страна на владејачката гарнитура, да не се случи да бидат фрлени бисери пред свињи. Значи, можам да поентирам со големата и воодушевувачка енергија, со која оваа македонска влада им пристапи на сценските уметности. Тука, пред сè, мислам на драмските и филмските уметници, но и на оние кои се бават со концертната, оперската и балетската уметност. Во овој голем и многу значаен сегмент за секоја национална култура, владата покажа огромна доза на грижа и скрупулозност. Направени се театри на светско ниво, како Македонскиот национален театар, театарот во Велес, театарот на турската етничка заедница, некои од нив со фасцинантни перформанси, потоа проектите за Театар Центар и Драмски театар во Скопје, кои ќе добијат импресивни инфра-структурни капацитети. Сето ова воодушевува и треба да се поздрави со сите добронамерни афирмации. Потоа, на повидок е фасцинантниот објект на Филхармонијата, која без соменение ќе биде една од најпрестижните културни институции од овој тип во југоисточна Европа. Платите на драмските, музичките, како и на другите сценски уметници се рапидно зголемени, а буџетите за претставите и другите сценски дела се далеку посериозни, отколку оние во блиското минато. Буџетите за филм се исто така значајно подигнати, а за разлика од порано, денес имате многу поправеден пристап во финансирањето, но и бројот на проектите за реализација е сериозно зголемен.

Направени се нови музеи, како Музејот на македонската борба и Археолошкиот музеј, кои имаат сериозна цивилизациска аура и кои, за разлика од оние музеи (или, како воопшто да ги наречам, според нивната застрашувачка мизерија) направени во минатото, се вистинска атракција и магнет за посетителите, за што сведочат и непоткупливите статистики. Некои од нив, како на пример, Музејот на современата уметност, се темелно реновирани и денес претставуваат вистинска гордост на културните постигнувања на македонската нација. Јавниот простор, кој реферира на богатата македонска историја, е галантно исполнет со монументални скулпторски и архитектонски дела. Денес имаме еден сосема нов лик на историскиот дел на Скопје, а паланечкиот изглед кој констернираше и застрашуваше, бркајќи ги туристите од градот, веќе е неповратно минато. За сето ова морам да искажам една огромна благодарност и восхит на оваа влада, која, покрај овие огромни креативни напори за бенефит на македонските граѓани, мора катадневно да се бори со аморалните и деструктивните провокации на опозицијата.

Но сите овие огромни успеси не се единствениот доим за состојбите во македонската култура и уметност. Верувам, дека на планот на издаваштвото, пред сè на македонските литарати и научници, треба да се инјектираат повеќе средства. Иако нивото е подигнато и е неспоредливо подобро од порано, сепак, имам чувство дека овој сегмент не е така сериозно и стимулирачки третиран, како оние, кои ги набројав во првиот дел од текстов.

Но најсериозната критика по овој повод би ја упатил во однос на третманот на ликовната уметност, а, пред сè, на сликарството. Тука чувствувам една посериозна занемареност, која, претпоставувам, доаѓа од недоволната информираност на дизајнерите на политичкото современие во Македонија.

Македонската ликовна уметност е највредниот културен сегмент, што оваа држава и овој многу креативен народ може да го понуди на светско ниво. Во антиката и во средниот век ликовната уметност од овој дел на Европа бил, без сомнение, највредната културна придобивка на светско ниво. Но и подоцна, посебно во 20 век, македонската ликовна уметност произведувала врвни дела, дела, што со пиетет може да постојат во било која европска или светска збирка.

Затоа е потребно да се создаде соодветен музеј, национелен музеј, кој би ја претставил оваа голема вредност и убавина, пред сите оние домашни и странски поклоници на уметноста.
Потребно е, исто така, зголемување на буџетот за проектите за ликовна дејност на годишно ниво при Министерството за култура и, секако, многу повисока активност и присуство на македонските ликовни дела на европската и светската уметничка сцена.

Како поради неедуцираноста на македонските нео-богаташи нема скоро никаков арт маркет во земјава, добро е македонската влада да изнајде одредени модуси, македонските ликовни творци, но и не само ликовни творци, да се ослободат од енормните даноци на хонорарите, кои изнесуваат огромни 36 отсто од исплатата. Ова последното е убиствено за сите оние уметници, кои се обидуваат целиот свој живот и целата своја енергија да ѝ ја посветат на уметноста.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top