Горан Пандев потврди за италијанските медиуми дека гласал за тренерот Жозе Мурињо за најдобар тренер во 2012 година, а на мистериозен начин неговите 5 поени заминале на контото на шпанскиот селектор Висенте дел Боске.
– Јас гласав за Мурињо, тоа е сигурно. Не знам што се случи, но потоа излезе дека сум му дал 5 поени на Висенте дел Боске, три на Роберто Манчини и еден на Јирген Клоп. Не би сакал да користам потешки зборови, но нешто овде е многу чудно. Разбирам зашто е разочаран Жозе, но ниту тој ниту јас можеме да ги смениме овие работи. Жал ми е што се сменети токму моите гласови. Логично е поените да му ги дадам на тренерот што ми помогна толку многу во кариерата. Јас го сторив тоа и потоа не знам како дошло до промена на официјалните листи – рече Пандев за ТВ „Ла Секста“.
Жозе Мурињо ја обвини ФИФА за лажирање на дел од гласовите. Сега и со изјавата на Пандев и со многумина други, кои се побунија дека не гласале така, стигна потврда дека нешто е матно. Во изборот учествуваат сите селектори и капитени на репрезентациите.
Челниците на ФИФА категорично ги отфрлија обвинувањата на Мурињо, но останува да се види како тие ќе реагираат по изјавата на македонскиот капитен. Мурињо беше тренер во Интер кога Пандев играше за „нероаѕурите“ и заедно ја освоија Лигата на шампионите во 2010 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.