| четврток, 6 декември 2018 |

Двајца пешаци тешко повредени во сообраќајки во Скопје

Фото: Архива

Фото: Архива

Двајца пешаци се здобиле со тешки телесни повреди во две сообраќајни незгоди во текот на вчерашниот ден на подрачјето на Град Скопје.

Покрај ова евидентирани се и шест несреќи со последица материјална штета и пет со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле шест возачи на патничко возило, тројца сопатници и еден возач на мопед.

Од страна на сообраќајната полиција санкционирани се 14 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, 12 возачи кои го користеле мобилниот телефон или не го користеле сигурносниот појас, девет возачи кои го управувале возилото со измината важност на сообраќајната дозвола, како и осум лица кои го управувале возилото без возачка дозвола.

Со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети се 63 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Денеска, Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје ќе одржи завршни едукативни предавања во ОУ „26 Јули“ во општина Шуто Оризари.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.

Утре, Францускиот институт во Скопје во соработка со Градот Скопје по повод Денот на франкофонијата организира голема ревијална трка во која ќе учествуваат околу 500-ини учесници. Ревијалната трка ќе започне од Паркот на франкофонијата и ќе продолжи по велосипедската патека на реката Вардар, булеварот „Илинден“ до платото на „Сити мол“.

Истиот ден во СЦ „Јане Сандански“ во рамки на Лигата на шампионите ќе се одржи меѓународен ракометен натпревар помеѓу РК Вардар и РК Висла, од Полска, со почеток во 20 часот и 15 минути, а во недела со почеток во 14 часот на арената „Филип Втори Македонски“ во рамки на Првата македонска лига ќе се одигра натпревар меѓу екипите на „Вардар“ и „Пелистер“. За време на одржување на сите овие настани од страна на сообраќајната полиција ќе бидат преземени соодветни мерки за сообраќајно обезбедување, а по потреба и пренасочување на сообраќајот. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top