| четврток, 6 декември 2018 |

Васко Ефтов ја погреба СДСМ (2 дел)

430084_471224056234070_1212892677_n

Во 2001 година снимавме една цела серија интервјуа со Киро Глироров во хотелот „Инекс Горица“ во Охрид. Сѐ уште не беше потпишан Рамковниот договор. Додека пиевме кафе на терасата на хотелот, од каде што се фрла најубав поглед на Охридско Езеро, дојде шефот на кабинетот на Глигоров и му вика: Претседателе, ве бара Бранко Црвенковски. Разговорот траеше барем 20 минути. Не знам што одговараше Црвенковски, но можев да го слушнам Глигоров како му сугерира: Остај Бранко некој од врвот на партијата да каже нешто против Рамковниот, немојте сите од прв до последен да давате исти изјави. Тоа не е добро за партијата. Утре што и да се случи, таа партија мора да опстане и да продолжи понатаму да функционира. Денес гледаме каква цена СДСМ плаќа поради тој Рамковен договор. Вториот совет што му го даде беше: Излегувајте што поскоро од таа влада со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи тоа ви носи само штети. За првиот совет, колку што гледаме, Црвенковски не го послуша Глигоров, а неколку месеци подоцна СДСМ излезе од широката влада со ВМРО-ДПМНЕ – напиша новинарот Васко Ефтов на својот профил на „Фејсбук“.

11079259_10153151746930499_970079605_n

Тој ја критикува политиката на опозициската СДСМ. Вели никој не може да биде газда на една партија.

Во 2005 година снимав интервју со тогашниот премиер Владо Бучковски. Во кабинетот бевме јас, Бучковски, снимателот и советникот за односи со јавноста на Бучковски. Интервјуто беше „кланица”. Бучковски не можеше две минути да стане од столчето. А беше во тежок залет: ќе го славеше заедно со Бугарите празникот Кирил и Методиј, прв ќе го признаваше Косово, ќе ги реформираше „необразованите вмровци“, ја правеше групата „Фабрика“ каде што и тогаш, како и денес се напикани цела булумента новинари, режисери, аналитичари, шефови на кампањи што ги имаат загубено сите избори на кои учествувале. Нив и денес ги гледаме залепени за опозицијата. Му викам: Премиере, вие ќе ја завршите вашата премиерска кариера со т.н. синдром на „мексикански боксер“. Имено, мексиканските боксери млади влегуваат во рингот, се  перчат и се тепаат со сите и на крај млади ја завршуваат кариерата. Не ме послуша. Сите гледаме како и каде ја заврши кариерата. Доаѓаме до денешната бомба на опозицијата. Сите јуришаат како во Битката на Неретва. Ги урнаа сите мостови со тие што не мислат дека е таа добра стретагија и дека ќе ѝ нанесе непроценливи штети на партијата. Не оставија ниту еден во врвот на партијата да го изгради тој нов мост на Неретва со кој ќе бидат спасени преживеаните и ранетите. Се караат со сите. Нарачуваат плукања против сите. Само што не седнале на Илинденска, а не гледаат дека „Сител 3“, „Канал 5 плус“ и Собранискиот канал на МТВ веќе се оспособуваат за директните телевизиски преноси од скорашното судење во врска со оваа огромна афера. Каде што опозицијата треба да биде масакрирана и за век и веков да ѝ биде закачена етикетата дека само со помош на создавање кризи и со помош на странски служби може да дојде на власт во државата. Зар не го гледате тоа!? Зар не ја сфаќате опасноста од тоа што се подготвува!? Имате ли сила на тоа да одговорите со сила!? Секој е ковач на својата кариера, но никој не може да биде газда на една партија и нејзината историја – напиша Ефтов.

Не е првпат новинарот да ја критикува работата на партијата. Тој во мај 2013 година, за време на локалните избори веќе еднаш ја „погреба“ СДСМ, а важеше за голем поддржувач на оваа партија.

 

ВАСКО ЕФТОВ ЈА ПОГРЕБА СДСМ (ПРВ ДЕЛ)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top