Координирани хакерски напади на телевизиски станици и банки предизвика хаос и паника во Јужна Кореја. Нападите почнале околу 14 часот по локално време, по што парализирани останале компјутерските системи на три телевизии и на две големи банки. Уште една банка потврдила дека имало напад на нејзиниот систем, но дека бил одбиен.
Засега никој не ја презел одговорноста за нападот, но се претпоставува дека виновникот е Северна Кореја. Сепак, Владата во Сеул изјави дека сѐ уште е рано да се изнесат такви обвинувања. Нападот следува откако неодамна Пјонгјанг ги обвини САД и нивните сојузници дека ги напаѓаат нивните сервери.
Вработените на нападнатите телевизиски станици рекле дека на екраните наеднаш се појавиле пораки за грешки, но телевизиската програма продолжила да се емитува. На одредени монитори се појавиле и мртовечки глави што придонело за појава на паника меѓу вработените. Една од банките соопштила дека од нападот биле блокирани интернет банкарството и банкоматите, но по некое време најголемиот дел од нив проработиле.
– Се обидуваме да го утврдиле изворот на нападот. Но, бидејќи станува збор за масовен удар, потребно е време за да се соберат сите докази. Не исклучуваме можност нападот да биде извршен од Северна Кореја, но прерано е да се донесат такви заклучоци – изјави портпаролот на Министерството за одбрана на Јужна Кореја, Ким Мин-Сеок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.