Националната комисија за дијабетес, која функционира еден месец, напоредно со Регистарот за дијабетес и интегрирањето на податоците за лицата со дијабетес во „Мој Термин“, ќе овозможи натамошно подигнување на нивото на квалитетот на грижата за лицата со дијабетес. Комисијата ја следи имплементацијата на стручните упатства за медицина базирана на докази од областа на дијабетес, како и третманот и контролата на овие лица.
Во Македонија 35.000 луѓе примаат инсулин од кои 32.000 имаат дијабетес тип 2, а само 3.000 тип 1. Според податоците, се зголемува бројот на деца кои имаат дијабетес на возраст од една до четири години.
Министерот за здравство Никола Тодоров денеска на прес-конференција рече дека се посветени на унапредување на грижата за лицата со дијабетес мелитус во државата за кои е обезбедена бесплатна најсовремена инсулинска терапија, како во најразвиените земји во светот.
– Од 1 јануари годинава податоците за инсулинската терапија се целосно интегрирани во системот Мој Термин, така што сега и третманот за дијабетес станува составен дел на електронскиот медицински картон на пациентите, односно пациентите својата инсулинска терапија ја земаат врз основа на инсулинските рецепти генерирани од МојТермин, истакна Тодоров.
Посочи дека препишувањето инсулинска терапија во Мој Термин овозможува да се следи потрошувачката на инсулин, но и издавањето на лентите за мерење гликемија на пациентите со дијабетес на инсулинска терапија, како и издавањето на инсулински пумпи и потрошни материјали. На овој начин, нагласи министерот, се овозможува транспарентност во делот на препишувањето на инсулинска терапија, попрецизен и подетален увид во инсулинската терапија, како и увид во придржувањето кон упатството за контрола и грижа за дијабетес тип 2, што значително недостигаше во изминатиот период.
– Целта е преку Мој Термин да се следат и параметрите поврзани со контролата на дијабетесот, како што се гликемиската контрола, липидниот профил, крвниот притисок, индексот на телесна маса, дијабетичните компликации, препорачаната исхрана, со што практично ќе може да се следи и колку е ефективна терапијата за дијабетесот. Со последната спроведена јавна набавка, првпат во Македонија се овозможи значително зголемување на бројот на бесплатни ленти за мерење гликемија, како резултат на барањата кои повеќе години ги упатуваа и пациентите и стручните здруженија, рече Тодоров.
Појасни дека бројот на ленти за мерење гликемија е зголемен од околу четири месечно што претходно ги добиваа пациентите со дијабетес тип 2 на инсулинска терапија, на 30 ленти (значи од 1 кутија на 7 кутии годишно), додека лицата со дијабетес тип 1 добиваат голем број бесплатни ленти (125 ленти месечно).
Тоа, појасни, значи дека со новата програма им е овозможено на лицата со дијабетес на инсулинска терапија седум пати почесто бесплатно да ја мерат гликемијата, врз основа на која се одредува нивниот третман, со што се добива далеку попрецизна слика за нивото на шеќерот во крвта.
– На тој начин, дополнително се унапредува нивото на грижа кај лицата со дијабетес, имајќи предвид дека мерењето на гликемијата е основа за приспособување на третманот за дијабетесот и последователно превенирање на дијабетичните компликации. Со новата јавна набавка се обезбедуваат и нови 50 инсулински пумпи кај децата со дијабетес тип 1, потенцира Тодоров.
Додаде дека Националната комисија за дијабетес мелитус се формира со мандат од четири години и е составена од претседател и четири члена, избрани од доктори – специјалисти по интерна медицина и доктори – специјалисти по педијатрија, кои се доктори на медицински науки од областа на ендокринологијата и дијабетологијата. Членовите на Комисијата се од јавни здравствени установи од терциерно ниво на здравствена заштита.
Татјана Миленковиќ, претседател на Националната комисија за дијабетес мелитус и претседател на Научното здружение на ендокринолози и дијабетолози на Република Македонија, рече дека Комисијата функционира веќе еден месец и се прави анализа на препишаната инсулинска терапија низ целата држава.
– Единствена цел на Комисијата е да се контролира правилното спроведување на насоките за тоа како треба да се води дијабетесот, кои се веќе на ниво на закон и на овој начин затоа што ги имаме сите тие податоци достапни во системот МојТермин, можеме да видиме дали навистина се спроведуваат сите начини за третман и водење на дијабетесот. Значи не е само инсулинската терапија туку и дали се спроведуваат сите контроли на тромесечна и на годишна основа, рече Миленковиќ.
Посочи дека Македонија е земја каде дијабетолошката служба се оценува на многу високо ниво затоа што минатата година на крајот на годината Интернационалната федерација за дијабетес направила анкета преку која се забележа дека Македонија по сите параметри е земја која одлично се грижи во третманот на дијабетесот, значи има превенција или скрининг на сите трудници со дијабетес, има насоки за правилна исхрана, за прекин на пушењето, современа инсулинска терапија…
Мирјана Кочова од Клиниката за детски болести и член на Националната комисија за дијабетес мелитус, истакна дека детскиот дијабетес во Македонија се води солидно и државата е една од ретките која е влезена во регистрите за детски дијабетес во Европа.
– Она што посебно не радува за детскиот дијабетес е достапноста на инсулинските пумпи за децата. Почнавме помасовно да ги поставуваме најпрво кај најмалите деца кои имаат апсолутна индикација за ставање инсулин. Минатиот месец шест дечиња добија инсулинска пумпа и веќе првите контроли покажуваат дека регулацијата е многу подобра, посочи Кочова.
Таа изрази надеж дека рационализацијата ќе овозможи примена на понови средства за лекување и за типот 2 и за типот 1, а според неа, не треба да се заборави дека и кај децата постепено почнува да се појавува типот 2 заради епидемијата на дебелеење.
– Во нашиот регистар во секој момент има меѓу 300 и 350 деца со дијабетес до 14 годишна возраст. Кај десетина деца годишно се дијагностицира дијабетес тип 1 во оваа возрасна група, додаде Кочова.
Одговарајќи на новинарско прашање, доктор Миленковиќ рече луѓето со дијабетес имаат и ќе имаат инсулинска терапија и нагласи дека никогаш нема да биде спорно снабдувањето со инсулин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст



