| четврток, 6 декември 2018 |

Работнички ја прегази Лирија, МЗТ Скопје се спасуваше против Кожув

r10Екипите што имаат шампионски трофеи, Работнички, МЗТ Скопје и Фени Индустри, стартуваа со победи во Супер лигата во кошарка. Најуверлив беше најтрофејниот тим во Македонија, Работнички со победа од 106-92. Блескаше Американецот Голдавер со 26 поени, а домаќините воопшто немаа проблеми да стасаат до првите бодови. Поведоа со 18-6 уште од стартот и не дозволија Лирија да се закани. Во еден момент од последната четвртина Работнички имаше предност од 22 разлика, а мечот го заврши со стотка и со убедлива победа. Вториот Американец во тимот Шарпер даде 25 поени, а одличната претстава на триото од САД го комплетира Абукар со 16 поени. кај гостите Тасовски беше прва фигура со 20 поени.

Изненадување се готвеше во „Борис Трајковски“, а не го дозволи Дамјан Стојановски, кој беше јунак на шампионот МЗТ Скопје во победата над Кожув од 77-71. Дамјан даде 19 поени, сите во второто полувреме, а екипата од Аеродром за влакно избегна пораз. Кожув водеше речиси цел меч, имаше и двоцифрена предност, но на крајот квалитетот пресуди. Гечевски постигна 17 поени со 10 скока, а еден поен и скок помалку имаше Чековски. Кај гостите поранешниот „металец“ Мијајловиќ беше најефикасен со 13 поени. Кожув пружи силен отпор и покажа дека во Супер лигата тешко ќе се освојуваат бодови и дека нема аутсајдери.

Во Кавадарци, Фени лесно го победи Куманово со 96-89, во меч во кој гостинскиот центар Урош Луковиќ одигра фантастичен меч со 28 поени, но ни тоа не помогна да се избегне стартниот пораз. Домаќините имаат добро избалансиран состав и ќе бидат тврд орев за сите, а го докажаа со одлична кошарка против Куманово. Домаќините постојано водеа, најмногу со 18 разлика и рутински го приведоа мечот кон крајот. Соколов со 19 поени, Трајковски со 17 и Кнежевиќ со 16, беше најефикасното трио кај Фени. Кај гостите од Куманово покрај Луковиќ, добро доигра и Дивејн со 21 поен.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top