Шефот на „Руските железници“, Владимир Јакунин, кој се смета за близок пријател на претседателот на Русија Владимир Путин, верува дека санкциите имаат само една цел – да ја ослабнат Русија, јави дописникот на МИА од Прага.
На средбата со новинарите во Прага, тој предупреди пред изолацијата на Русија и предупреди на штетноста на санкциите кои се однесуваат за неа.
-Европејците сакаат да соработуваат со Русија, но се создават услови кои ја вклештуваат Москва. Ние ја губиме можноста за меѓусебна комуникација и разбирање – изјави Јакунин пред новинарите во Прага, каде присуствува на Меѓународната конференција на железничарите.
Тој посочи дека заедницата во многу европски земји, меѓу кои и Германија, заради конфликтот во Украина е преполовена. Проблемот, сепак, според него, не е поврзан само со Украина и значително ја надминува билатералната рамка.
Рускиот претставник, кој пред една година заради својот став кон анексијата на Крим беше ставен на листата за санкции на САД е убеден дека сите ограничувања имаат цел да ја ослабнат Русија.
– Сегашната политика на санкции во никој случај не е поврзана со декларираните напори за помош на Украина. Идејата е да се спречи обновување на односите на Русија и Европа и да се изолира Москва и конфликтот на Украина со тоа нема врска- објасни тој и додаде дека санкциите предизвикуваат штети врз европските компании, но лично смета дека влијанието на санкциите, нема значајна пречка за нивните професионални активности.
За Јакунин ситуацијата во Украина е трагична поради жртвите и насилството, за кое смета дека се шири со пропагандистички изјави.
– Важно е, западните политичари да сфатат дека треба да претстанат да ги навредуваат Русите. Тука не зборувам како човек, кој има влијание на создавањето на економската политика, туку како обичен граѓанин, кој на генетска основа не сака војни- рече Јакунин додавајќи дека Западот не ја гледа огромната опасност од тоа.
Јакунин оцени дека чешкиот претседател Милош Земан, кој од критичарите на Кремљ е сметан за руски поддржувач има свој став и цврсто убедување од кои не отстапува така лесно.
Иако Јакунин се смета за близок соработник на Путин тој самиот нагласува дека не е дел од структурите на моќ и со политика се занимава како шеф на катедра по политички науки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



